Премиерот на техничката Влада Талат Џафери во интервју за МИА изјави дека тој не бил пречка за избор на нов член на Државната изборна комисија (ДИК), како што сакаат тоа да го претстават партиите на Албанците во опозиција и им порачува тие да разговараат со партиите што треба да гласаат во Собранието бидејќи е потребно двотретинско мнозинство. Во однос на Изборниот законик со забелешките на ОБСЕ/ОДИХР, кој е заглавен во Собранието, вели дека доколку не се изгласа пред распишувањето на изборите следната недела, Владата ќе го разгледа драфтот од Министерството за правда и откако ќе помине на седница ќе го прати во законодавниот дом.
-Опозицијата треба да прави напори да обезбеди соодветна комуникација со политичките партии коишто одлучуваат, што имаат глас во Собранието имајќи предвид дека изборот е со двотретинско мнозинство и да престанат да се бават со расправа околу процедурата, туку треба да обезбедат на претседателот на Собранието да може да има предуслови да дојде што побрзо точката на дневен ред, што побрзо да се изјаснат пратениците за едниот предлог за да може да се добие – рече Џафери.
Во интервјуто тој не кажува зошто парламентарните партии не можат да се усогласат за Изборниот законик, но посочи дека прашање за Изборниот законик добил и на вчерашната средба со амбасадорите на ЕУ.
-Истото прашање денеска ми се постави и од амбасадорите коишто беа присутни на средбата заедничка и мојот став е до наредна седница, следната недела на Владата да чекам, значи пред распишување на избори, доколку нема предлог конкретен по однос на она што е драфтот, по претпоставка дека е усогласен затоа и го пратиле како драфт за да се дистрибуира до пратениците да го пуштат во постапка, тогаш Владата уште еднаш ќе го разгледа како материјал тој драфт, ќе го прати во Собранието во соодветна постапка и тогаш настапуваат обврските на Собранието да го донесе Изборниот законик – вели Џафери
Имајќи предвид дека од распишување до одржување избори има минимум 70 дена, смета дека е доволно време и да се донесе законот и соодветно да се постапува по одредбите од законот.
-Формално правно и со временската дистанца се има доволно време да може да се донесе законот. Така што, нема да оставиме само на фактот дека тоа е оставено на пратениците и сите да се повикуваме дека само пратениците се тие што треба да постапат. Ако не се постапи таму, ќе постапиме ние од тука и ќе ја иницираме таа работа. Значи, тоа е она што можеме да го направиме ние како Влада – вели техничкиот премиер во интервјуто за МИА.