СДСМ води и очекуваме победа во Центар, Крива Паланка, Пробиштип, Чучер Сандево, Чешиново Облешево, Кривогаштани, Богданци, изјави на прес-конференција во седиштето на партијата генералниот секретар на СДСМ Александар Саша Димитријевиќ.
– Од досега пристигнати резултати, СДСМ води и очекуваме победа во Центар, Крива Паланка, Пробиштип, Чучер Сандево, Чешиново Облешево,.Кривогаштани, Богданци. Тесна битка е во Неготино, Валандово, Македонска Каменица, Ранковце. Водиме и во Дојран и Лозово, но веројатно ќе има втор круг. Како пристигнуваат резултатите ќе информираме – рече Димитријевиќ.
Според него, во секоја општинска организација имаат подобар резултат во споредба со минатите парламентарни избори.
Тој истакна дека генерално изборниот ден поминал мирно, но констатирале и бројни прекршувања на изборниот процес, како злоупотреба на избирачкиот список, обиди за изборен поткуп, директни закани и уцени, кршење на изборниот молк преку агитирање, како и нерегуларности при самото гласање.
– Во Лозово, на пример, е спречен обид за поткуп, документиран и од страна на МВР. Обиди за поткуп има и во други места кои сега се документираат. Во Куманово и во Ѓорче Петров имало случаи повеќе ливчиња да му дадат на еден гласач. Во Ѓорче пет ливчиња дадени од претседателка на ИО на својот сопруг. Во Студеничани (ИМ 2349/1 и 2353), членови на ИО истовремено биле и на советничките листи на ВМРО-ДПМНЕ. Во Прилеп и Крива Паланка регистрирани се притисоци и закани кон активисти и кандидати на СДСМ – рече Димитријевиќ.
Тој додаде дека во Неготино е констатирано дека кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ користи општински објект за потребите на кампањата. Во Богданци, раководител на ОВР Гевгелија, во возило на ЈП „Национални шуми“ агитирале за ВМРО-ДПМНЕ.
– Веќе реагиравме и за тоа што починати лица се најдоа на избирачкиот список, дури и на советничка листа на коалициски партнер на ВМРО-ДПМНЕ. Командири и началници на полицијата беа дел од активностите на ДПМНЕ на терен за време на кмапањата. Во Зелениково и Кратово роднини на кандидати за градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ биле назначени и во општинските изборни комисии. Во Охрид, Крива Паланка и Прилеп, партиските штабови на ДПМНЕ биле активни и агитирале за време на молк. Во Градско – закани од кандидатот Киро Нацков кон членови на одборите, додека во Јегуновце – злоупотреба на лични податоци за гласање на болни и немоќни – рече Димитријевиќ.
Тој потсети дека денеска имало известувања за неколку случаи на попречување на работа на новинарските екипи, во Карпош, Охрид и Тетово.
– Овие настани бараат итна реакција од ДИК, Јавното обвинителство, МВР за да се обезбеди одговорност, да се заштити слободната волја на граѓаните и да се гарантираат фер и демократски избори – посочи тој.
Димитријевиќ истакна дека правниот тим на СДСМ подготвува соодветни пријави и поднесоци до надлежните институции.