Судот го регистрираше новиот политички субјект „Движење ЗНАМ – За наша Македонија“, а во текот на идната недела се очекува да заврши и нејзиното впишување во Централниот регистар, информираше претседателот Максим Димитриевски, кој е актуелен градоначаник на Куманово. Во наредниот период се очекува формирање на општински ограноци во сите општини, а во текот на февруари-март наредната година и првиот Конгрес на партијата. ЗНАМ ќе учествува на претстојните избори, и како што рече Димитриевски на брифинг со новинарите, очекува сериозен резултат.
-Регистрацијата се случи и покрај опструкциите што ги имавме – рече Димитриевски.
За тоа како партијата ќе се позиционира на политичката сцена, Димитриевски вели дека таа ќе биде во центарот, а во однос на социјалната политика ќе се ориентира кон лево. Новоформираната партија ќе се насочи на пет програмски цели: Македонија со висок степен на национална свест за зачувување на македонскиот јазик и идентитет; Правда и еднаквост достапна за сите; Македонија самоодржлива држава особено во делот на енергетиката, производството на храна и природните ресурси; Слобода и еднаквост и Меѓуетничка толеранција и соживот, односно мултиетничко, а не биетничко општество.
Димитриевски се уште е во дилема дали ќе се кандидира за претседател или ќе остане прв човек на Куманово, но нагласува дека одлуката ќе ја донесе сам во консултација со легитимните тела на партијата.
-Ова е голема лична дилема за мене бидејќи имам уште незавршени проекти кои сум ги ветил пред кумановци. Ќе барам што е приоритет. Македонија е поголем приоритет од Куманово – посочи Димитриевски.
Убеден е дека неговата партија ќе направи сериозен резултат на изборите. На прашањето дали соработката со СДСМ е завршена работа, лидерот на ЗНАМ посочи дека иако многумина велат оти тие ќе бидат спасот на СДСМ, ЗНАМ е формирано како политички субјект да ги спаси граѓаните на Македонија и да воведе ред на политичката сцена.
Додаде дека во владата ќе нема место за непринципиелни политичари, како и за оние кои се корумпирани и за кои има поведено некаква судска истрага.
Како што посочи тој, по изборите ќе седнат на маса и со другите политички чинители со цел да ги постават црвените линии на државата кои ќе бидат преточени во декларација, а дури потоа ќе се разговара за формирање и партиципирање во влада.
На новинарско прашање, каков е неговиот став за Левица и дали во последно време имал некаква комуникација со лидерите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, Димитриевски посочи дека стратешки приоритети остануваат НАТО и ЕУ.
-Немаме друга алтернатива. Левица во тој поглед има поинакви ставови кои се дијаметрално спротивни на нашите. Со Ковачевски последен пат се видов во Куманово за прославата на 11 Октомври, а со Мицкоски подолго време не сум имал никаков контакт. Мислам дека тој должи објаснување за интензивните контакти со поранешниот премиер Заев. А како што знам, имало и средби помеѓу поранешен премиер од ВМРО-ДПМНЕ со актуелен претседател на СДСМ – рече Димитриевски
Во однос на уставните измени со кои Бугарите и други народи би биле впишани во македонскиот Устав, Димитриевски вели дека останува на ставот оти нема ништо против тоа, но претходно да се исполнат некои услови.
-Не е проблем да се внесат Бугарите во Уставот, но мора да постои реципроцитет. Да постои документ кој ќе гарантира дека нема да се загрозат македонскиот идентитет и јазик, а уставните измени да стапат во сила по членството на Македонија во ЕУ – рече Димитриевски.
До првиот конгрес во ЗНАМ ќе функционираат времени тела, односно Извршен и Надзорен одбор кои имаат по три избрани члена и претседател на партијата.
Според Димитриевски, во овој момент многу е важно во политичката комуникација политичарите да се вратат на терминот мултиетничко општество, а не мултиетничка држава, феномен кој не постои, со цел, како што рече, да не се доведеме во ситуација на седнеме на маса со малите етнички заедници да зборуваме за редефинирање на државата во делот на државното уредување.
-Македонија влезе во некои замки, уште со Рамковсниот договор и сега со францускиот предлог, од кои тешко дека сега ќе излезе. Преку одредени притисоци однадвор и однатре ни се заканува да го изгубиме она што не сме успеале да го загубиме дури ни во војна. Ни се поткопува националното ткиво и самобитноста по дипломатски пат. Меѓуетничката толеранција постои, а ние ќе ја зајакнеме, но истовремено ќе водиме сметка и за фрустрациите кај дел од Македонците кои се чувствуваат како граѓани од втор ред. Ќе ја застапуваме крушевската и асномската идеологија. Сите да бидат еднакви, но да не се гази врз асномските определби на државата кои сега се погазени во целост. Ако еден Албанец е лојален на државата, ако стои мирно на македонската химна и под македонското знаме, јас немам против да биде премиер или претседател. И тоа ќе се обидеме да им го објасниме на граѓаните. Целта ни е мултиетничко, а не биетничко општество – рече Димитриевски на брифингот со новинарите.