Фото: „Нова Македонија“

Претседателот на Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија, Максим Димитриевски, на денешната прес-конференција упати силна критика кон политиките на Европската Унија и нејзините членки, оценувајќи дека Македонија се соочува со нов облик на притисок – духовен и национален, порачувајќи дека македонскиот идентитет не е предмет на преговори.

– Верувам дека вчерашниот ден, токму таков каков што беше, тежок, неправеден, повторно со извештај што личи на притисок, ќе биде уште еден ден што ќе не обедини. Не околу политика, туку околу Македонија. Ние ја сакаме Македонија во Европската Унија. Движењето Знам за Наша Македонија токму за тоа се залага. Но не сакаме Македонија без Македонци. Не сакаме членство што ќе го платиме со негирање на сопственото постоење – рече тој, осврнувајќи се на Извештајот за земјава што беше усвоен во Европскиот парламент вчера, а во кој не беше одржана формулацијата „македонски идентитет и јазик“.

Димитриевски ја обвини Бугарија за политика на културна агресија и историско фалсификување, а Европската Унија за толеранција кон реваншизам.

-Ако ЕУ дозволи еден нејзин член, како што е Бугарија, да ги претвори преговорите во средство за историски реваншизам, тогаш таа дозволува унија во која слабите се жртви, а силните го прекројуваат идентитетот на соседот – рече тој, дополнувајќи „не сакаат само да се согласиме со нив, туку инсистираат да се откажеме од себе“.

Остро ги критикуваше поранешните македонски власти, обвинувајќи ги за предавство на националните интереси. Според него, токму од Скопје започнала политиката на отстапки, преку изјавите на Стево Пендаровски, потпишувањето на Преспанскиот договор од Зоран Заев, и договорите без консултација со народот од страна на Димитар Ковачевски.

-Тоа не беше влада на народот – тоа беше влада на предавство. Додека народот се бореше за достоинство, тие водеа бизниси, земаа златни визи и броеја профити во сенка – рече Димитриевски.

Порача дека ЗНАМ, како што рече „стои на браникот на идентитетот“, не затоа што тоа е лесно, туку затоа што тоа е исправно. Истакна дека борбата на ЗНАМ не е против Европа, туку за Европа на рамноправни народи, не против интеграцијата, туку против асимилацијата.

-Ќе изградиме држава во која никој нема да се срами да каже дека е Македонец – рече тој.

Димитриевски ја повика целата политичка сцена на национално обединување преку заедничка платформа и декларација, без оглед на минатите грешки. Тој ја истакна „Националната платформа за македонско национално единство“ како основа за тоа обединување, документ кој, според него, бил отфрлен од СДСМ не поради аргументи, туку поради срам.

Прашан каде го гледа решението со проблемот со Бугарија, тој одговори дека времето кога македонското прашање се решавало во Софија, Атина или Белград е минато.

-Одлуките се носат во Скопје. Имаме партнери во меѓународната заедница, но мораме да зборуваме со јасен став и визија – рече тој, нагласувајќи ја потребата од национално обединување.

Во однос на уставните измени, тој оцени дека барањата од Софија се веќе депласирани, а последните случувања во Европскиот парламент покажуваат етно-национализам и нови условувања.

-Ако Европа сака да функционира така, нека си ги чува тие барања – ние ќе го бараме нашиот пат – изјави Димитриевски, додавајќи дека ЗНАМ ќе остане на европскиот курс, но со фокус на подобрување на животот на граѓаните.