Фото: Официјален фејсбук профил

Следните 10 годни земјава ќе може да предлага зрели и готови проекти за кои ќе може да користи средства од петте милијарди фунти што се дел од Меморандумот за соработка потпишан денеска со Обединетото Кралство. Роковите за секое поединечно повлекување, односно секој проект, ќе зависат од типот на проектот. И каматните стапки генерално ќе зависат од роковите, рече денеска министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска.

Засега Димитриеска Кочоска знае само дека проектите за кои Македонија ќе може да бара пари се болници во Штип и Кичево и новата брза железничка пруга. Како што истакна, тоа се информациите што во моментов ги има, но и нив сѐ уште не ги добила писмено од вицепремиерот и министерот за транспорт Александар Николоски.

Никаде не пишува, потенцира министерката, дека имаме задолжително повлекување на петте милијарди, а британската Влада гарантира дека Македонија кога ќе ги земе кредитите, ќе ги врати. Поголема поддршка, според Димитриеска Кочоска, не сме имале од ниту една Влада – некоја Влада да гарантира дека ќе вратиме кредит.

– Во овој момент не можам ништо повеќе да кажам зашто тоа е тоа што денеска се потпиша. Кога ќе имаме повеќе информации и детали, тогаш ќе зборуваме за  попрецизни бројки. Министерот Николоски беше во Лондон за да го потпише Меморандумот за соработка кој вклучува само два битни елемента, дека ќе бидат достапни пет милијарди евра на македонската Влада, пари кои ќе може да се повлекуваат во рок од десет години – рече Димитриеска Кочоска, одговорајќи на новинарски прашања.

Дополни дека Николски треба да каже и да дефинира јасно кои се проектите.

– Ќе мора да се седне и да се раговара со министерот за транспорт, тој да каже зашто е носител на проектот. Ќе каже и ќе дефинира јасно кои се проектите, а потоа ние како Министерство за финансии покрај тоа што ќе добиеме понуда од банката, ќе си побараме понуда и од други меѓународни институции зашто тоа го налага законот. Сега, во овој момент, не можам да зборувам за повеќе детали зашто немам зрел проект пуштен во МФ врз основа на кој ќе барам понуди од повеќе банки и ќе кажам колку би била каматата. Тоа би било несериозно зашто зборуваке за различни проекти. Имам информација дека се разговара за болници во Штип и Кичево и за брзата железничка пруга која би требало да ја поврзе Македонија од југ кон север, нова траса, не рекоснтрукција на постоечката – истакна Димитриеска Кочоска.

Таа повтори дека кога ќе ги добие податоците конкретно, писмено, ќе може да каже и повеќе детали.

– Никаде не пишува дека имаме задолжително повлекување на петте милијарди и затоа постојано потенцирам „проектно финансирање – објасни министерката, подвлекувајќи дека по барањата понуди за проектите ќе се прифати однос со најниска каматна стапка.

Според Димитриеска Кочоска, Британија сега има интерес да биде присутна во Македонија и тука нема ништо спорно.