Министерството за финансии започна со исплата на средствата кон компаниите кои во текот на 2023 година уплатиле данок на солидарност во државниот буџет. Досега, преку трезорот на Министерството, се реализирани налози во вкупен износ од 990 милиони денари, пренесе МИА.
Вкупниот износ што компаниите го уплатиле во 2023 година изнесуваше 3 милијарди денари. Половина од овој износ државата ќе го врати во текот на овој месец, додека другата половина е предвидено да се исплати во март 2027 година.
-Министерството за финансии врз основа на задолжение од Владата спроведе транспарентна и инклузивна постапка преку која се утврди модалитетот со кој државата ќе ги врати средствата што беа наплатени од компаниите по законското решение што беше поништено од страна на Уставниот суд. Станува збор за постапка што заедно ја утврдивме со компаниите со цел да може да се вратат средствата, а притоа да не се наруши ликвидноста на буџетот, вели министерката за финансии – Гордана Димитриеска-Кочоска.
Законот за данокот на солидарност беше донесен од страна на Собранието во 2023 година и опфаќаше компании кои во 2022 година оствариле вкупен приход поголем од 615 милиони денари. Според законот, во буџетот во текот на 2023 година беа уплатени 49,2 милиони евра од 156 компании. По поништувањето на Законот од страна на Уставниот суд, државата имаше обврска да го врати овој износ на компаниите.
Повратот на средствата се реализира врз основа на доставено барање од компаниите до Управата за јавни приходи, согласно донесениот Правилник за изменување и дополнување на Правилникот за формата и содржината на образецот за враќање на повеќе или погрешно наплатен данок. До сега, барања доставиле вкупно 117 компании.
































