Државната изборна комисија (ДИК) попладнево на седница одлучи да одбие како неосновани уште три приговори поднесени од Коалицијата „Твоја Македонија“ преводена од ВМРО-ДПМНЕ во избирачки места во Општина Шуто Оризари. За Општина Шуто Оризари поднесени се 13 приговори, од кои 10 се од коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО – ДПМНЕ, а три приговори се од Сојузот на роми.
За приговорот за гласањето во избирачкото место 2971/1, претседателот на ДИК Борис Кондарко истакна дека не е утврдено несовпаѓање во гласачкиот материјал.
-Констатираме дека во ова гласачко место 2971/1 во Општина Шуто Оризари кандидатите добиле 51 гласа кандидатот на Твоја Македонија-ВМРО-ДПМНЕ, кандидатот на Унија на Роми 99, шест неважечки ливчиња, 156 потписи во списокот и 317 неупотребени ливчиња. Овие податоци се совпаѓаат и се идентични со податоците за биометриска идентификација извадена од уредот за биометриска идентификација. Согласно тоа, не е утврдено несовпаѓање во гласачкиот материјал. Предлагам да гласаме овој приговор да биде одбиен како неоснован – рече тој.
Овластениот претставник на подносителот на приговорот облазложи дека приговорот се однесува за постапката за гласање, сумирање и утврдување на резултатите во избирачкото место 2971/1 за Шуто Оризари. На ова место по утврдување на резултатите на овластениот претставник од Коалицијата „Твоја Македонија“ не му било дозволено да даде забелешки за неправилности во текот на гласањето и утврдувањето на резултатите во записникот бр.16.
-Од тие причини, забелешка поднел овластениот претставник на Општинската изборна комисија во предвидениот рок во кој навел дека записникот бр.16 б во делот 7 каде се наведува бројот на добиени гласови на кандидатите е направена незаконска корекција со преправање на добиените гласови без потпис на претседателот на Избирачкиот одбор. Со непотпишувањето на записникот, а во корелација со преостанатите забелешки во овој приговор, произлегува дека постои сомнеж за неправилности во работењето на Избирачкиот одбор на ова избирачко место – рече претставникот.
Според претседателот на ДИК, нема услови за прифаќање на овој приговор.
-Увидот не покажа никакви несовпаѓања од непосредниот увид, а исто така и во фингер принт апаратот се поклопува со овие бројки. Нема услови за прифаќање на овој приговор. Предлогот е да гласаме приговорот да биде одбиен како неоснован – рече Кондарко за приговорот за гласање во избирачкото место 2973 во Шуто Оризари, кој исто така беше одбиен.
Овластениот претставник на подносителот на приговорот истакна дека на избирачкото место 2973 во Шуто Оризари по утврдување на резултатите од овластениот претставник од Коалицијата „Твоја Македонија“ не му било дозволено да даде забелешки за неправилности во текот на гласањето и утврдувањето на резултатите во записникот бр.16.
– Од тие причини, забелешка поднел до ОИК во предвидениот рок во која што е наведено дека во делот 7 каде се наведува бројот на добие ни гласови на кандидатите е направена незаконска корекција со пермутирање, односно измена на добиените гласови на кандидатите во корист на едниот од кандидатите а на штета на другиот – рече Koндарко.
Кондарко рече дека увидот не покажал никакви несовпаѓања од непосредниот увид, а исто така и во фингер принт апаратот се поклопува со овие бројки.
– Нема услови за прифаќање на овој приговор. Предлогот е да гласаме приговорот да биде одбиен како неоснован – рече тој.
-Поради тоа што немаме предлог за отворање на избирачкиот материјал, а од наводите во приговорот и состојбата во оригиналниот записник и од карбонизираните записници не произлегува никаква ситуација која би дала основ за вршење дополнителни проверки тогаш предлагам да пристапиме кон одлучување на приговорот, односно дека нема основи за несовпаѓање во податоците и нема основ ниту за прифаќање на овој приговор – рече Кондарко за поднесениот приговор во избирачкото место 2959/1.
Овластениот претставник на подносителот на приговорот истакна дека во ова избирачко место согласно записникот што е доставен до нив може да се констатира дека истиот не е потпишан од сите членови и нивните заменици, а при тоа не е наведена причината поради што не е потпишан. – Од тоа може да се заклучи дека Избирачкиот одбор не го спровел гласањето и утврдувањето на резултатите согласно одредбите на законот – рече тој.



































