Фото: Универзитет „Гоце Делчев“

Факултетот за туризам и бизнис логистика при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип одржа Научно – стручен собир на тема  „Дигитална трансформација и зелена економија: одржливост и одговорност кон Европскиот зелен договор“. Во фокусот на овој собир се дебатираше за улогата на дигитализацијата во поттикнувањето на зелен раст, перспективите во циркуларната економија, Зелената агенда, енергетската ефикасност, опфаќајќи го притоа и зелениот туризам и зелените финансии како катализатор за економски раст.

 

Настанот го отворија деканката на ФТБЛ, проф. д-р Татјана Бошков, министерот за дигитална трансформација, м-р Стефан Андоновски и претседателот на Сојузот на Стопански Комори на Македонија, м-р Трајан Ангелоски, а во рамките на панел дискусијата ги произнесоа своите гледишта за оваа актуелна проблематика.

„Амбицијата на Акциониот план на Зелената агенда заедно со својата сложеност бара холистички пристап. Клучните напори се адресираат на институционалните капацитети низ економиите на Западен Балкан за спроведување на овој акционен план, обезбедување техничка помош, спроведување аналитичка работа и подигање на свеста за зелената транзиција. Неодамнешните примери на масовно проширување на капацитетите за обновливи извори и изградба на интерконектори во делови од регионот се чекор во вистинската насока. Важните одлуки за зелен раст лежат во позеленување на нашиот транспорт и мобилност, инвестирање во енергетска ефикасност, надградба на бранот на реновирање на ЕУ во озеленување на работните места и инвестициите. Иако нашиот регион станува жариште за климатските промени, кој премногу често се наоѓа во пресии од различни социо-економски или политички кризи, честопати истите се причина да не оддалечат од итноста и сеприсутноста на климатските промени, како и од загрижувачките ниски стапки на рециклирање и високиот комунален отпад создаден по глава на жител.

Во оваа насока исклучителна е важноста на дигитализацијата како поттикнувач на трансформацијата кон поодржлива циркуларна економија, овозможувајќи поефикасни процеси во компаниите, минимизирање на отпадот, подолг животен век на производите, минимизација на трансакциските трошоци. Всушност, дигитализацијата ги зајакнува бизнис моделите преку зголемување на ресурсната ефикасност, со што се потврдува дека дигиталната трансформација повеќе не е само стратешки избор, туку е деловен императив. Нашиот енергичен претприемачки екосистем мора да иновира нови бизнис модели кои ќе почиваат на принципите за повторна употреба и споделување“, изјави меѓу другото проф. д-р Татјана Бошков, деканка на ФТБЛ.

„Дигиталната трансформација е нешто повеќе од тренд, нешто повеќе од алатка сама за себе. Таа треба да биде клучен двигател за создавање на одржливо општество. Замислете ја како помош, како драјвер, како една поддршка на сите процеси коишто се во општеството, не само како процес сам за себе, туку процес за сите нас – како граѓани, како бизнис сектор, како наука.

Преку технологијата можеме да оптимизираме ресурси, да намалиме отпад, да градиме циркуларни економски модели, едноставно, да си помогнеме. Затоа паметните мрежи, дигитализираното производство, анализирањето на големи податоци ни овозможуваат не само ефикасност, туку и значителен напредок кон климатска неутралност. Зелената економија претставува итна потреба за трансформација на традиционалните модели за развој, отворајќи го патот кон економски раст кој не ги исцрпува природните ресурси, туку ја засилува еколошката одржливост и социјалната инклузивност“ – рече министерот за дигитална трансформација м-р Стефан Андоновски.

„Усогласувањето на Западен Балкан со амбицијата на Европскиот зелен договор за постигнување јаглеродна неутралност до 2050 година, воошто нема да биде едноставно. Имено, во насока на имплементација на сите потребни активности, детектирани се дополнителни трошоци за околу 49% кои треба да ги направат бизнисите, се јавува недостаток на вештини и експертиза за 30%, недостаток на регулаторна рамка околу 28%, покрај потребната финансиска поддршка бидејќи зелената транзиција подразбира технологии кои треба да обезбедат одрживост , заштита на животната средина, енергетска ефикасност. Во оваа насока, како потврда за влијанието и на дигитализацијата е дека во 2023 година, областа на дигиталната трансформација покажува огромна стапка на усвојување, со над 90% од организациите кои се ангажираат во различни дигитални иницијативи, нагласувајќи ја распространетата природа на дигитализацијата низ индустриите, што не не заобиколува ниту нас како земја.  Оттука, Сојузот на Стопански Комори на Македонија реализира бројни проекти кон темата зелена енергија, зелени паметни технологии чија цел е поттикнување на зелен раст, но и поттикнување на свеста за зелената транзиција низ обуки спроведени преку Центрите за стручна извонредност за зелената трансформација“ – потенцираше м-р Трајан Ангелоски, претседател на Сојузот на Стопански Комори на Македонија.

За целите на ЕЗД, неговата имплементација, како до зголемување на работните места, можноста за географската дисперзија на истите, улогата на дигиталниот маркетинг во промоцијата на циркуларната економија и улогата која универзитетите и студентите ја имаат во унапредувањето на зелената агенда преку дигитализација, беа дебатирани од продеканката на ФТБЛ, проф. д-р Наташа Митева, проректорот за настава и студенти на УГД, проф. д-р Мишко Џидров, м-р Драган Пехчевски – член на УО на ССКМ, проф. д-р Страхиња Трпевски, м-р Џаит Љуши – директор на човечки ресурси, Халк Банка, Пенка Мукаетова – сопственичка и генерална менаџерка на Консалтинг интер Груп, член на УО, ССКМ.