Дигитализацијата е новата енергија на управувањето, создавајќи ефикасност, транспарентност и отпорност во сите сектори, особено во енергетиката, порача денеска министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, кој се обрати на сесијата „Дигитализација на енергетските системи – Забрзување на дејствијата преку координација и иновации“ во рамки на 14. Меѓународен форум за енергија за одржлив развој, што се одржува во Скопје.
Андоновски, како што информира неговиот Кабинет, ја истакна потребата од заедничко делување и координирани напори во процесот на дигитална и енергетска трансформација.
– Сите ние постигнуваме повеќе кога работиме заедно. Нашите разлики се важни, но нашата заедничка човечност е уште поважна – рече министерот Андоновски, нагласувајќи дека дигитализацијата може да ја забрза заедничката мисија за одржлива енергетска иднина.
Според него, дигитализацијата е мостот што ги поврзува растечката енергетска побарувачка и потребата од декарбонизација. Таа овозможува секој ват, секој киловат-час и секоја политичка одлука, како што се наведува, да бидат попаметни, почисти и поинклузивни.
Андоновски потенцираше дека дигитализацијата не е само технички процес, туку нов начин на размислување и управување – поврзување на податоците, институциите и граѓаните во корист на одржливи политики и зелена енергија.
Министерот Андоновски го презентираше напредокот што Македонија го постигна во дигиталната трансформација преку три клучни системи: Националната платформа за интероперабилност, што поврзува 74 институции и овозможува над 2 милиони безбедни трансакции месечно – зголемување од 160 отсто во однос на минатата година; Националниот портал за е-услуги – uslugi.gov.mk, преку кој граѓаните добиваат јавни услуги онлајн и Електронскиот систем за управување со документи (eDMS), кој го замени хартиеното работење во над 80 институции. Според него, овие системи не се само административни алатки, тие се темелот на ефикасното управување, интегритетот на податоците и транспарентноста.
Андоновски информираше дека Министерството за дигитална трансформација во соработка со Министерството за енергетка, рударство и минерални суровини веќе имаат дигитализирано повеќе од 20 јавни услуги за граѓаните и бизнисите, како и воведување на интегрирани системи за документи и финансиско планирање.
Министерот ја претстави и новата генерација дигитални иницијативи во енергетиката: Националниот центар за вештачка интелигенција – „Везилка“, кој развива АИ модели за предиктивно одржување на енергетската инфраструктура и предвидување на побарувачката; Европскиот дигитален иновациски хаб – INNOFEIT, кој ги поврзува академијата и приватниот сектор и обезбедува пристап до лаборатории и обуки за вештачка интелигенција, сајбер-безбедност и автоматизација. Овие иницијативи се дел од стратегијата SMART/MK 2030, визија за дигитална, зелена и човеково-центрирана трансформација, целосно усогласена со европската Дигитална декада.
Според Андоновски, дигиталната трансформација на енергетските системи бара регионална координација и заеднички пристап.
Предизвиците се премногу комплексни за која било држава да ги решава сама. Затоа регионалната соработка е нашиот множител на успех, изјави Андоновски, кој повика на премин „од цели кон акција“ и изградба на одржливи дигитални екосистеми.



































