Во Кичево денеска се одржа празнична поворка по повод верското одбележување на воскресението Лазарево (Лазарева сабота). Деца од градот се собраа на градскиот плоштад кадешто им беа поделени гранчиња. Пеејќи песни поврзани со воскресението и со влегувањето на Исус Христос во Ерусалим (Цветници), тие ја формираа празничната поворка по булеварот „Ослободување“, а патот го завршија во храмот „Свети Петар и Павле“. Таму беа пречекани од свештенството и за учество во поворката добија симболични подароци.

-Ваквата практика, која постои од преданието на црквата, претставува навестување на празникот Цветници, но и на Велигден. Преку воскресението на Лазар, кој се нарекува Четвородневен, бидејќи биле поминати четири дена откако бил погребан и Христос го воскреснал, се навестува главниот настан, Велигден. Децата учесници во поворката со гранчињата и песните ги симболизираат децата кои радосно викале и го прославувале влегувањето на Христос во Ерусалим, она што се празнува за празникот Цветници – рече отец Александар Крстаноски.

Поворката беше поздравена од голем број граѓани на Кичево. З.А.