Во интерес на обезбедување на транспарентна постапка за избор на претседател на СДСМ до Централната изборна комисија на партијата доставив предлог за дополнување на документите при кандидирање, информира Јован Деспотовски, член на СДСМ и актуелен директор на Дирекцијата за ТИРЗ и потенцијален кандидат за нов лидер на социјалдемократите.
Тој пред неколку дена потврди дека има нов концепт за реформирање на партијата по поразот на претседателските и парламентарните избори во мај годинава.
-Со предложената изјава секој од кандидатите се обврзува, во случај да не биде избран за претседател на СДСМ, да не прифати ниту една друга партиска функција на централно, ниту на локално ниво. Неприфаќањето се однесува и за позиции во институциите каде партијата назначува свои членови – изјави Деспотовски.
Нагласува дека учеството во трката за претседател на СДСМ не смее да се гледа како шанса за стекнување на капитал, што потоа ќе се „пазари“ за подобра позиција во партијата.
-Со оваа иницијатива, секој кандидат однапред ќе се откаже од користење на добиената поддршка т.е. капитал во пазарења и целиот ќе го стави ,односно ќе го врати на целосно располагање на партијата. Со оваа иницијатива, даваме придонес кон враќање на довербата на нашите членови во изборниот процес и обезбедуваме фокусот да биде на програмите и концептот на работа на кандидатите – вели порачува Деспотовски.
Според него, претседателот на СДСМ мора да биде одговорен кон членовите, а не кон различни структури и лоби групи.
Освен Деспотовски, во трката за лидер на СДСМ официјално е и Славјанка Петровска, а аспирации за претседателската функција најави и Стефан Богоев.