Фото: „Нова Македонија“/Ислустрација

Евакуацијата на македонските државјани од земјите на Блискиот Исток ќе започне денеска и ќе се реализира со комерцијални чартер-летови, соопшти Министерство за надворешни работи и надворешна трговија на Македонија.

Од Министерството информираат дека по спроведена постапка согласно Законот за јавни набавки е склучен договор со авиокомпанија за реализација на летовите. Според утврдениот план, се очекува до средината на следната недела да бидат евакуирани сите македонски државјани кои изразиле подготвеност да се вратат во земјата.

Целиот процес се координира од Министерството во соработка со дипломатско-конзуларните претставништва во регионот. Од таму посочуваат дека завршувањето на постапката за јавна набавка е потврда за навременото и одговорно постапување во насока на заштита на македонските граѓани.

Според последните информации, Амбасадата на Македонија во Доха ја контактирале 150 македонски државјани, од кои 95 изразиле подготвеност за евакуација. Во меѓувреме, Амбасадата на Македонија во Абу Даби е контактирана од вкупно 585 лица кои престојуваат во Обединети Арапски Емирати, како и од 36 лица во Кувајт, 15 во Бахреин и пет во Саудиска Арабија.

Министерството повторно ги повикува сите македонски државјани кои сè уште не стапиле во контакт со дипломатско-конзуларните претставништва, а имаат потреба од евакуација или друга помош, тоа да го направат што е можно поскоро преку дежурните телефонски линии на амбасадите или преку СОС-бројот на Министерството.

Техничките и организациските детали за летовите ќе се утврдат во координација со избраниот економски оператор, по што граѓаните ќе бидат навремено информирани.

Министерството соопшти дека останува во постојана комуникација со македонските државјани и со надлежните институции, со приоритетна цел, нивно безбедно и навремено враќање во земјата.