Македонија не треба да ги чествува историските настани со империјалистички карактер / Фото: „Нова Македонија“

Осврт на долгорочните ефекти од Првата светска војна врз земјава преку изложбата „Македонија, Македонци и Македонски фронт“:

  • Македонскиот фронт (во Првата светска војна) треба да биде одбележан во колективната меморија и историографијата како пример за тоа како големите војни создаваат трајни промени на границите, населението и на националните наративи. Демографските загуби, политичките трансформации и културните потреси од овој период продолжија да имаат влијание на македонското општество. Но тие треба да се набљудуваат низ призмата на објективната вистина. Зошто да славиме или да чествуваме настани на кои величаме туѓи империјалистички и хегемонистички интереси каде што Македонците и Македонија биле предмет на деноминација?

Македонскиот фронт во Првата светска војна беше долга и статична линија на судири на територијата на Македонија, каде што се судрија Централните сили и Антантата. Мобилизациите, реквизициите, принудните преселби и економскиот исцедок предизвикаа широка материјална сиромаштија и демографски потреси. Воениот режим и секојдневниот страв влијаеја врз земјоделството, трговијата и културниот живот, додека македонскиот народ трпеше насилства, репресии и ограничување на нормалните форми на општествено дејствување. Дополнително на ова, миграциите и дијаспората се интензивираа, додека напорите за признание на македонската културна и лингвистичка посебност се соочија со нови политички препреки. Македонскиот фронт останува значаен во колективната меморија и историографијата како пример за тоа како големите војни создаваат трајни промени на границите, населението и на националните наративи. Демографските загуби, политичките трансформации и културните потреси од овој период продолжија да ги обликуваат развојот на македонското општество и односите со соседите во следните децении.
Токму за овие настани зборува изложбата „Македонија, Македонци и Македонски фронт“ посветена на 110-годишнината од отворањето на фронтот, организирана од Државниот архив на Македонија и поставена во холот на трговскиот центар „Дајмонд мол“ во Скопје. На десетина паноа се прикажани репродукции од повеќе од сто фотографии направени во годините кога постоел Македонскиот фронт. Фотографиите не прикажуваат само воени дејства туку и секојдневниот живот, лицата вклучени во конфликтот и мирното население, со што отвораат нови перспективи за истражување и создавање историска меморија.
Во овој контекст треба да го разбереме и самото именување на изложбата, односно насловот „Македонија, Македонци и Македонски фронт“ означува поврзување на територијата, народот и воениот контекст како една комплексна наративна целина. Тој сигнализира дека изложбата ќе ги третира не само воените настани туку и нивното влијание врз колективниот идентитет, животите на луѓето и историското значење за македонскиот простор.
Директорката на Државниот архив, Наташа Котлар, појасни дека изложбата е поставена во трговскиот центар со цел да допре до поширока публика. Архивот нема постојан изложбен простор и искуството покажало дека посетеноста е најголема само на денот на отворањето; со поставувањето во јавен простор целта е да се зголеми интересот и да се овозможи подолг допир со граѓаните.

– Ние сѐ уште не можеме да откриеме кој е авторот или фондообразувачот на тој фонд, меѓутоа дојдовме до констатација дека станува збор за непознати автори, кои тука ни го прикажуваат живот на руски војници од Првата светска војна и ни даваат, за нас важен податок дека тука имало 18.000 руски војници. Оттука почнува и нашето трагање, нашето комуницирање со колегите од Воениот музеј на Македонија, потоа нашата соработка почна да се движи кон приватните колекционери и тука би го спомнала Влатко Милошевски, кој иако по вокација не е историчар, се грижи за она што претставува културно наследство и историско наследство, исто така имаме и материјали што ни се од Кирил Вангеловски, потомок од фамилијата на гемиџијата Владимир Пингов и од нашиот колега Диме Ратајковски – рече Котлар.
Изложбата настојува да покаже не само воени операции туку и луѓето опфатени од настаните: припадници на вооружените сили, помошен персонал и цивилното население. Фотографиите им служат на историчарите како документ и како извор на индивидуална, групна и колективна меморија. Посебно е посветен делот за руските војници, чија судбина го отсликува сложениот историски контекст.
– Нашата намера преку овие фотографии не е да се прикажат воените дејства, нашата намера е да ги прикажеме луѓето што учествуваат во она што се именува како војна и воени настани. Но покрај нив на овие фотографии ќе забележите дека го имаме и населението, ги имаме и Македонците, ги има и луѓето што вршат помошна дејност, го имаме севкупниот живот, но сега претставен преку објективот на фотоапаратот, кој сега, за нас историчарите, претставува нова сфера на истражување и ново поле на создавање историска меморија – рече Котлар.
Автори на изложбата се д-р Јасмина Дамјановска од Државниот архив и проф. д-р Ленина Жила од Институтот за национална историја.
– На оваа изложба, преку овие фотографии ние имаме приказ на неколку вида меморија: индивидуална меморија, групна меморија, колективна, историска меморија и имаме фотографија како документ. Дел од оваа изложба е посветен на руските војници бидејќи во Архивот на Македонија се чува збирка со нивни фотографии од Првата светска војна. Никој не знае кој е и од каде е авторот на овие фотографии. Се решивме да ги ставиме на оваа изложба затоа што руските војници, за разлика од сите други војници, доживеале двојна трагедија, првин тие биле учесници во војната, а по 1917 година, со Октомвриската револуција од своите сојузници со кои дотогаш се бореле, биле ставани во логори како робијаши. Трагедијата на руските војници ја претставивме со овие фотографии за да се потсетиме дека овој фронт, Македонскиот, беше собир на сите народи и нации – кажа д-р Ленина Жила.
Изложбата „Македонија, Македонци и Македонски фронт“ е отворена за посетители до 31 октомври. Д.Ст.