Одржана свечена академија по повод чествувањето на Свети Климент Охридски
По повод утрешниот црковно-државен празник Свети Климент Охридски, директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи (КОВЗРГ), Даријан Сотировски и поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан вечерва организираа свечена академија во Музејот на македонската револуционерна борба.
Свечената академија ја отвори хорот „Свети Климент Охридски“ со изведба на химната на Македонија и тропар на Свети Климент Охридски од Трајко Прокопиев.
– Празнувањето на големите државни празници, како и празнувањето на големите црковни празници пред сè е секогаш причина, проникнувајќи во нијансите на безвременското значење и порака на празничниот ден да размислиме и да се сетиме на применливоста на истото во нашето време, на затскриените можности и на пулсот на животот кој секогаш и по правила надминува една генерација. Ова денес е ден за нашата татковина, за секој Македонец ширум светот, но и нашите браќа од христијанските земји, запирајќи за момент да изразат достојна почит искрена благодарност и да ја утврдат одново својата молитвена посветеност кон големиот Свети Климент Охридски, нашиот закрилник, темелот на славната и древна Охридска архиепископија и патронот на современата Македонска православна црква – Охридска архиепископија – порача Сотировски во своето поздравно обраќање.
Обраќање имаше и ректорот на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ проф. д-р Никола Јанкуловски, кој истакна дека Свети Климент Охридски е закрилник и патрон на македонскиот народ низ целата негова историја.
– Неслучајно по него е именуван и Богословскиот факултет, нашата највисока црковно-просветна институција. Во име на сите професори и студенти да потсетам на неговата скоро полувековна историја, указот за прогласување на уредбата за основање на Богословскиот факултет во Скопје беше објавен на 8 декември 1977 година, па така деновиве се навршуваат точно 45 години од неговиот почеток. Повеќе години беа потребни да се оспособат наставничките кадри и да се стекнат со соодветни знаења, со соодветни звања на разни богословски центри во земјата и светот за да може факултетот од 1 јануари 2009 година да стане придружна членка на УКИМ во Скопје – вели Јанкуловски.
Архиепископот охридски и Македонски г. г. Стефан во своето обраќање порача дека само патот што ни го покажал спасителот, само тој пат доаѓа од Бога и води кон Бога.
– Тој пат на вистинската вера, на неисцрпната надеж и на неизмерната љубов на нашите простори го покажал уште апостолот Павле, а потем во црковното рановековие по него оделе, а и другите ги подучувале по него да врват бележити црковни дејатели од нашите краишта, од кои некои дури и се удостоиле да бидат учесници на значајни црковни собири уште во четвртиот и петтиот век. Во шестиот век, пак, евангелскиот пат бил покажуван преку првата организирана самостојна црква на нашите простори Јустинијановата архиепископија, позната како Јустинијана Прима – вели тој.
Најголемото осветлување на патот, како што истакна г. г. Стефан, што води во вечен живот, се случило по сеопштото упатување на нашите предци во втората половина на деветтиот и првата половина на десеттиот век и тоа најмногу благодарение на неуморното црквољубно и домољубно .
– И ако за Христа е речено дека тој донел се ново во светот, за Св. Климент е правилно да речеме дека тој тоа христово се ново го обзнанил и го пренел за многуброен, богожеден народ. Па токму неговото незаменливо дело овозможило нашите предци конечно да го соблечат стариот и да се облечат во нов човек, создаден според образот на својот создател во вистинска праведност и светост – вели г.г. Стефан во своето обраќање.
Обраќање имаше и професорката д-р Емилија Црвенковска, редовен професор на УКИМ, која порача дека е несомнено оти Свети Климент е фигура со огромно значење за сиот словенски свет. Свечената академија беше затворена со „Химната на Свети Климент“ од Кирил Македонски, „Гласом моим“ и „Богородице прилежно“ од Александар Архангелски, „Сеј ден“ од Дмитриј Боршњански и „Многај лета“.