По повод одбележување на 8 Септември – Денот на независноста на државата, владина делегација предводена од премиерот Димитар Ковачевски утрово положи цвеќе на вечните почивалишта на поранешните претседатели на државата Киро Глигоров и Борис Трајковски, на Градските гробишта „Бутел“.
-Владината делегација која им оддаде почит на претседателите што оставија неизбришлив печат во градењето на нашата државност, беше предводена од претседателот на Владата Димитар Ковачевски, а во нејзин состав беа, министерката за одбрана Славјанка Петровска, министерот за здравство Беким Сали, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, како и заменик-министерот за правда Агим Нухиу – информираат од прес-службата на Владата.
Покрај владината делегација, цвеќе положија и делегации на Кабинетите на претседателот на Република Македонија, на Собранието, потоа на Сојузот на Борците, дипломатскиот кор како и претставници на политичките партии.
Чествувањето на Денот на независноста – 8 Септември продолжува со „Отворениот ден за граѓаните“ и богата културно уметничка програма на „Школка“ во Градскиот парк, а централната прослава ќе се одржи вечерва на платото кај паркот „Ибни Пајко“.