Фото: Маја Јаневска - Илиева

Дел од онколошките пациенти повторно останаа без лекови. Речиси месец дена нема биолошка терапија за рак на дојка, а деновиве снемало и за меланом и карцином на бели дробови, реагираат од Здружението Хема – Онко.

Ана Марјановиќ од Здружението Хема – Онко истакна дека тендерските процедури за годишната набавка и административните кочења се причина што тешко болните се оставени без терапијата која им е неопходна.

– Тендерот беше многу касно објавен незнам од кои причини е тоа. Ние од почетокот на февруари знаеме дека нема да има доволно терапија. Само се надевам дека откако е започната целата процедура дека ова нема да се оддолжи до после празниците и дека ќе успеат да го завршат до празниците и да не биде после 1 мај, што значи дека пациентите повеќе од месец и половина ќе бидат оставени без терапија – изјави Марјановиќ.

Од Клиниката информираат дека процедурата за годишната набавка на терапија е во тек и кон крајот на наредната недела или веднаш после Велигден ќе се потпишеле договорите со добавувачите за да почнат да ги носат лековите кои недостигаат.

– Постапката е завршена од страна на ЈЗУ УК за радиотерапија и онкологија и моментално е на управна контрола во БЈН. По завршување на административните процедури ќе може да се потпишуваат договорите со добавувачите на лекови – информираат од здравствената установа.

Во административен лавринт се заглавени и пациентите кои треба да земаат таблетарна терапија од аптеките со цел да се намали метежот од пациентите кои ја земаат овој вид на терпија од Клиниката за онкологија. Посочуваат дека иако буџетот за оваа година на оваа Клиника се зголемил за три милијарди денари, тие досега не виделе бенефит. Она што останува најголем проблем се долгите редови пациенти на клиниката пред се поради сѐ уште невработен нов персонал.

– Буџетот се зголеми, огромна благодарност што имаме поголем буџет за онколошките пациенти, меѓутоа сега за сега не чувствуваме ништо плус од тоа што ни го зголемија буџетот. Нови вработувања на Клиниката нема иако постојано апелираме дека таму има потреба од дополнителен персонал сеуште не се вработуваат ниту ангажираните со договор на дело, незнам зошто се чека толку долго – вели Марјановиќ.