Македонско друштво „Илинден“-Тирана утврди Декларација против резултати од пописот во Албанија спроведен од 18 септември до 30 октомври, а во одделни делови продолжен до 16 ноември 2023 година.
Во декларацијата стои дека друштвото ги отфрла прелиминарните пописни резултати поради „фалсификат на бројот на етничките Македонци, со грубо мешање во внатрешните работи на Албанија од страна на бугарската амбасада во Тирана, Владата во Софија и неколку фондации од Бугарија, пред и за време на пописот”.
-Во Албанија „етнички Бугари“ нема. Во ниту еден попис не постои макар и еден „Бугарин” на целата територија на Албанија. Исто така најостро ја осудуваме злоупотребата на терминот „северномакедонци“ од Институтот за статистика и употребата на име на земја како супститут за македонската етничка заедница, веќе призната во Албанија – се наведува во декларацијата.
Се посочува дека и покрај постојаното алармирање пред јавноста и институцииите на власта на Албанија, во текот на цела година, за очигледните подготовки за пописен фалсификат, ништо не е сторено.
– Изразуваме жалење и разочараност поради незаинтересираноста на албанската Влада за грубото мешање на Бугарија во внатрешните работи на Албанија со цел денационализација и асимилација на Македонците во областите и местата каде што живеат. Жалиме што албанската Влада не презеде мерки за заштита на правата и слободите на Македонците во Албанија – стои во декларацијата.
Друштвото ќе и предложи на Федералната унија на европските националисти (ФУЕН), каде е постојана членка, со посебна резолуција да го отфрли пописот во Албанија како груб фалсификат со огромен број на нерегуларности.
Исто така се посочува фактот дека Македонците и другите национални малцинства во Албанија, не го прифаќаат пописот од 2023 година и бараат нов попис на населението во согласност со меѓународните стандарди на ООН и ЕУ, заради „елиминација на двојното попишување на населението во Албанија и манипулација со бројките на националните малцинства”.
– Ги повикуваме на обединување и единство сите македонски здруженија и партијата, Македонска алијанса за европска интеграција, заради одбрана на идентитетот на Македонците, против обидите за денационализација и асимилација на Македонците во „Бугари“ од страна на Владата во Софија – повикува друштвото.
Декларацијата, ќе биде доставена до албанскиот Парламент, Владата, претседателот на државата, Државниот институт за статистика и Народниот правобранител, до македонскиот претседател, Собранието и Владата, како и до Европската Унија, Советот на Европа, ОБСЕ, ФУЕН и странските амбасади акредитирани во Албанија.
– Декларацијата е потпишана од претседателот на друштвото, Никола Ѓурѓај, на ограноците за Голо Брдо, Фатри Фетаху, за Округот Елбасан, Елса Џелили, како и генералниот координатор друштво за татковината Македонија, Ламбе Шатровски – додаваат од Македонско друштво „Илинден“-Тирана.