Резултатите од локалните избори се потврда на владината политика за силна поддршка на општините, што ја започнавме уште на самиот почеток на владиниот мандат, истакна министерот за локална самоуправа Златко Перински на седмата годишна Конференција за локална самоуправа и децентрализација „Визија за реформи за одржлив развој и достапни услуги за граѓаните“.
– Ако направиме една ретроспектива на изминатиот период, јасно е дека зад тоа стојат процеси од исклучителна стратешка важност, кои ја менуваат реалноста во областа на локалната самоуправа и создаваат основа за долгорочен развој. Најпрво би сакал да напоменам и да го споменам позитивниот наратив на Европската комисија во извештајот за напредокот на државата, со кој годинава го заменуваме терминот „нема напредок” со „ограничен напредок” – нагласи Перински.
Министерот посочи дека измените на Законот за локална самоуправа, кој повеќе од две децении не беше адаптиран, се клучен чекор за надминување на предизвиците во функционирањето на локалната власт. Новите механизми предвидуваат подобрување на комуналниот ред, еднакви можности, спречување на корупцијата, дигитализација на услугите и воспоставување општински инспекторати.
– Со ресурсниот центар за поддршка на општините директно одговараме на потребите на локалната власт и ја движиме државата кон подобра усогласеност со европските стандарди – додаде Перински.
Тој најави дека во 2026 година Владата ќе обезбеди конкретна поддршка за ажурирање на базите на даночни обврзници, со цел зајакнување на финансиските капацитети на општините.
– Очекуваме од општините да покажат одговорност во подобрувањето на наплатата на сопствените приходи – истакна министерот.
Во изминатиот период, преку интервентни мерки се реализираат околу 1.200 инфраструктурни проекти во вредност од 20 милијарди денари, со цел заживување на локалната економија и подобрување на квалитетот на инфраструктурата. Перински најави и подготовка на новата петгодишна програма за одржлив локален развој и децентрализација, како и продолжување на соработката со амбасадите на Швајцарија и Шведска и УНДП.
Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски нагласи дека дигитализацијата е предуслов за правична и еднаква услуга за сите граѓани.
-Нашата визија е граѓанинот да не шета од шалтер на шалтер, а општините да не трошат време и пари на хартија и архиви – посочи Андоновски и најави целосно воведување на електронски систем за управување со документи, приклучување на општините на платформата за интероперабилност и интеграција на локалните услуги на националниот портал uslugi.gov.mk.
Државата која сака одржлив развој и квалитетни услуги мора да биде децентрализирана и дигитализирана. Тој пат можеме да го изодиме само заедно, порача Андоновски.
Амбасадорот на Швајцарија Кристоф Зомер порача дека децентрализацијата е двигател на развојот и јакнење на заедниците.
– Децентрализацијата значи јакнење на луѓето на локално ниво, каде што се пренесува не само моќта и овластувањето, туку и одговорноста. Локалните самоуправи се најблиску до граѓаните и најдобро позиционирани да одговорат на потребите на заедницата, да обезбедат услуги и да негуваат соработка меѓу јавниот и приватниот сектор. Нашите приоритети се јасни, зголемување на знаењето и вештините на општинските совети, дигитализација за ефикасност, промовирање на учеството на граѓаните, особено жените и младите и намалување на просторот за корупција преку транспарентност и интегритет – истакна Зомер и додаде дека Швајцарија останува посветена на партнерството за поефикасна, потранспарентна и поотчетна локална самоуправа во Македонија.
Амбасадорот на Шведска Ола Сулстром, пак, нагласи дека Шведска цврсто верува во процесот на децентрализација и дека таа е основа за квалитетни јавни услуги.
– Нашето искуство покажува дека јавните услуги, без разлика дали станува збор за образование, здравствена заштита или инфраструктура се најекономични, најтранспарентни и најдобро реагираат на потребите на граѓаните кога се даваат блиску до нив. Но, децентрализацијата не може да успее без капацитети и финансиски средства за локалните власти. Затоа, преку проектот за градење општински капацитети, финансиран од Шведска преку UNDP, помагаме општините подобро да ги планираат ресурсите, да развиваат квалитетни инфраструктурни проекти и да ги надминат предизвиците – истакна Сулстром.
Според него, индексот за општински развој, интегрираното планирање и фондот за техничка документација се три клучни алатки што веќе даваат резултати.
Заменичката на постојаниот претставник на УНДП Ана Чернишова информираше дека во моментов спроведуваат 25 проекти во државава и секој со компонента за локален развој. Нагласи дека конференцијата доаѓа во исклучително важен момент, со новоизбраните општински совети и градоначалници.
-Се собравме да видиме до каде сме, да ги обновиме нашите заложби и да планираме активности за иднината. УНДП ќе продолжи да работи со општините, како што сме работеле и во минатото- порача Чернишова.
Таа нагласи дека квалитетната техничка документација е основа за успешни проекти, наведувајќи го примерот со регионалниот центар за бездомни миленици, реализиран благодарение на фондот за техничка документација и партнерствата со Швајцарија и Шведска.
-Преку овој фонд се инвестирани над 100 милиони долари – истакна Чернишова.

































