Фото: Маја Јаневска-Илиева / Архива

Не им носете пижами на децата, спијат со алишта. Вака беа пречекани родителите од воспитувачките во одредени градинки. Поради страв од дојавите за бомби, коишто изминатиов период неретко ги имаше, родителите и надлежните во образовно-воспитните институции беа под секојдневен стрес.

Поради тоа речиси секоја градинка и училиште, покрај официјалните протоколи за брза евакуација од надлежните служби, надлежните во воспитно-образвоните установи имаат воведени и свои интерни протоколи, за побрзо и побезбедно да се делува во случај за дојава од бомба.

Во скопска градинка децата извесно време спијат со алиштата во кои стасале, само за во случај на дојава од бомба, да можат побрзо да се евакуираат надвор. Учениците во училиштата, пак, засега се раат на зимски распуст, но правилата за евакуација ќе важат, докотку затреба, веднаш по враќањето во училишните клупи.

Јакните во занимална, не во шкаф

Во друга градинка, пак, формиран бил цел тим доколку би требало да дојде до брза интервенција.

– Не постои нешто пострашно од тоа да има дојава на бомба во градинка, па имаме мали бебиња. За не дај боже, си направивме интерни протоколи. Секоја занимална во долниот дел на градинките има врата што излегува во дворот. Прво што направивме е што средивме тие врати лесно да се отвораат за да можат веднаш да се евакуираат децата. Имаме занимални и на спрат. Имаме спремна екипа за брза евакуација на децата. Јакничките не им ги закачувавме во шкафче, беа оставани во самите занимални за да можат веднаш да ги облечат и да истрчаат надвор. Имавме дури смислено и една универзална порака што би им ја пратиле на родителите во случај на дојава за бомба, којашто не би ги извадила од памет, но би им укажала дека мора веднаш да дојдат и да си го земат детето – вели Александра Јелиќ Исаиловска, директорка на градинката „Срничка“.

Три ѕвонења на ѕвончето значи сите веднаш да истрчаат надвор

Најголем број дојави имаше во средните и во основните училишта, па надлежните во тие институции, исто така, имаа воведено интерни протоколи, кои би им олеснале во случај на дојава за бомба.

– Три кратки ѕвонења на училишното ѕвонче значи веднаш да се излезе надвор, а влезните врати се ширум отворени. Учениците треба веднаш да ги земат јакните и ранците, а наставникот веднаш потоа проверува дали некој останал во училницата. Внимаваме и корпите да се секогаш исчистени. Учениците знаат дека потоа не смеат да седат во училишниот двор, затоа што и тоа место не е безбедно. Откако ќе се евакуираат учениците, во училиштето останувам јас, полицијата и претставници од АНБ. По проверката учениците се враќаат на наставата – објаснува Митко Димовски, директор на гимназијата „Орце Николов“.

Во повеќето училишта надлежните се држеле до препораките дадени од властите надлежни за национална безбедност.

– Нема посебни протоколи. Се придржуваме до насоките што ни ги дадоа надлежните служби. Секој професор знае како веднаш да постапи. Учениците веднаш излегуваат надвор. Толку пати имавме дојава за бомба, што и самите деца веќе знаат како да реагираат – вели Силвана Кржовска, директорка на гимназијата „Јосип Броз Тито“ во Скопје.

Препораки во случај на дојава за бомба

До сите основни и средни училишта од Одделенијата за превенција биле доставени препораки, кои строго се почитувале во случај за дојава за експлозивна направа.
Дел од препораките се: Да се формираат дежурства на влезовите во училиштата, да се следи кој влегува и излегува, да се прави редовен преглед на сите простории и доколку се лоцира сомнителен предмет или лице, веднаш да се известат службите. Да се инсталира видео-надзор или приватно обезбедување, доколку училитето е во можност.

Секој професор пред започнување на наставата, детално да ја прегледа училницата. Дежурните професори редовно да вршат контрола на паркинг-просторот околу училиштата и на влезовите и излезот од училишниот двор. Директорите да одржат брифинг со вработените на кој ќе се посочи како професорите и учениците без паника да го напупштат училиштето. Хигеничарската служба редовно да ги празни корпите и да ги проверува тоалетите. Да се евидентираат сите лица што влегуваат во објектот. Заедничките простории да се заклучуваат кога внатре нема никој. Доколку има дојава за експлозивна направа, предметниот професор има задача да даде на учениците јасни насоки за напуштање на објектот.

Во периодот од 19 октомври минатата година до 5 јануари годинава дури 29 дена имало лажни дојави за бомби.

– Цел на дојави беа 245 средни училишта, 50 основни училишта, две градинки, 60 градски автобуси на ЈСП, четири државни институции, две дојави за Меѓународниот аеродром Скопје, една дојава за Железничката станица во Скопје, три дојави за во трговски центри, три дојави во хотели, три во спортски центри, две во станбени згради – Адора и Џеваир, односно за вкупно 375 локации – нѐ известуваат од МВР.