Фото: Принтскрин

Весна Дамева и Тања Чачарова Илиевска, членови на Судскиот совет, за кои владејачкото мнозинство поднесе интерпелации со Собранието денеска изјавија дека ги анализираат документите и дека ќе го соопштат својот став во јавноста. Чачарова Илиевска смета дека во интерпелацијата за неа се зборува за колективна одговорност.

Интерпелацијата поднесена во Собранието ја добив доцна во текот на вчерашниот ден и во фаза сум на анализирање на причините и генерално на нејзината содржина. Кога ќе го изградам својот став ќе ѝ биде соопштено на јавноста, нема да остане јавноста без одговори, односно без мое произнесување, изјави членот на Судскиот совет Весна Дамева по поднесените интерпелации во законодавниот дом од страна на пратеничките групи на владејачката коалиција за пет членови на Судскиот совет.

Според Дамева, оставка се поднесува само доколку постојат оправдани причини, нагласувајќи дека сепак тоа е личен чин.

– Оставката е личен чин и се поднесува оставка доколку постојат оправдани причини за истото. Останувам отворена за тоа кои ќе бидат идните чекори и од моја страна и од страна на Собранието – рече Дамева.