Во 470 основни и средни училишта во земјава има 410 психолози и 404 педагози и нема училиште без стручен соработник, секое има барем социолог или специјален едукатор и рехабилитатор, тврдат од Министерството за образование и наука.
Сепак, психолозите и педагозите повеќе се фокусирани на административни работи отколку на менталното здравје на децата. Од Комората на психолози потврдуваат дека улогата што ја имаат тие во училиштата, до онаа што треба да ја имаат се две различни работи, но децидни се оти системот треба да даде и да наложи посебна едукација на овој кадар, а не вработените по своја желба да се дообучуваат за да одговорат на предизвиците. Претседателката на Комората Мирјана Јовановска Стојановска за Канал 5 објаснува оти мора да има и законски измени во делот на менталниот аспект на децата во образовниот систем.
По маскакрот во Белград, фокусот и таму се става на психолозите и психијатрите, па експертите од Србија ставаат акцент на разликите помеѓу овие две професии и кои се поточно нивните конкретни задачи во уличиштата.
– Падагогот е повеќе во допир со однесувањето на децата, гледа во она што е видливо – дали детето отскокнува во нешто, дали е поповлечено, дали е поагресивно, дали искажува некои несогласни емоции и нема емпатија. Психологот е фокусиран и на менталното здравје, но на внатрешните процеси: дали детето е здраво во својата психа, дали е стабилно, дали реагира здраво или е под некој немир.
Во меѓувреме во неколку училишта се спроведуваат едукативни работичници за врсничко насилство од страна на МВР. Полициски службеници во холовите на деца од неколку генерации преку видеа им објаснуваат за тоа што е насилство, и кои се неговите форми и видови, како и за последиците од него. Сепак од МВР за Канал 5 велат дека тие не се започнати сега, по случајот во Белград, туку траат повеќе од шест месеци.