Денес е Светскиот ден за заштита при работа. Македонското здружение за заштита при работа (МЗЗПР) изработува извештај со евиденција на случените несреќи и повреди при работа во земјава, а минатогодишните броеви се далеку од розеви.
– Според податоците кои успеавме да ги прибереме и систематизираме, објавени во извештајот за 2021 година, имало 30 потешки повреди на работното место беа со фатални последици, а 135 повреди на работно место. Податоците покажуваат тренд на зголемување на несреќите при работа, што очигледно покажува дека сите засегнати страни во процесот на заштита потфрлиле. Ова самото по себе е поразителен податок бидејќи секоја повреда нема влијание само врз оној на кого му се случила, туку многу подлабоко структурно влијание во секоја социјална пора во општеството. Доволно е да направиме пресметка колку од средствата на заедничките фондови, како што е Фондот за здравствено осигирување, Фондот за пензиско осигурување, ќе мора да бидат активирани за да ги покријат трошоците за лекување на повредените и многу брзо ќе дојдеме до прогнозата на Меѓународната организација на трудот која предочува дека 4% од БДП во сиромашните земји одат во компензации на повредите на работното место. Во нашиот случај, пресметано според податоците на Државен завод за статистика за 2020 година би било 655.931.000.000 денари (или околу 10 милијарди евра). Трошоците за компензации поврзани со повредите на работното место, како и директните загуби би биле некаде околу 426.621.788 евра. Можеби ова е единственото логично објаснување зошто Македонија и понатаму покрај се е таму каде што е и зошто не може да излезе од бедата во која се наоѓа – вели Славица Јанкова, координатор на проект во МЗЗПР.
Извештајот на здружението е независен, составен и наменски издаден од најстарата професионална невладина организација од областа на заштитата при работа во земјава.
-Целта е да послужи како соодветен референтен систем во оценувањето на состојбите со безбедноста и здравјето во Македонија, за разлика од официјалните податоци. Во Македонското здружение за заштита при работа се обидовме да понудиме една нова перспектива во однос на реалноста околу несреќите и смртните случаи при работа кои редовно се случуваат. Поривот е очигледен: да допреме до пошироката јавност, а воедно да се освестиме како професионалци и да си признаеме дека во Македонија се гине на работното место, односно се случува по речиси една смртна несреќа секоја недела. И покрај бројните активности, превземени како од страна на Македонското здружение за заштита при работа, Министерството за труд и социјална политика, Државниот инспекторат за труд, социјалните партнери како што се синдикатите и организациите на работодавачи, и останатите заинтересирани страни во подигнувањето на јавната свест и професионализација на кадрите кои работат на заштитата при работа, сепак резултатите не одат во наш прилог – вели Јанкова.
Светскиот ден за заштита при работа здружението ќе го обележи со продолжување на идејата за најмал парк во државата. Во него ќе биде засадено по едно дрвце за секој загубен живот при работа. Симболиката е јасна. Настанот ќе се одржи во „Рајски парк“ во скопската населба Лисиче, со почеток во 15 часот.
-Бројот на новите садници треба да го отсликува бројот на загинатите на работното место во текот на 2021 година – објаснува Јанкова.
МЗЗПР залагањата за подобрување на условите за работа и заштита при работа сака да ги прошири и на регионално ниво преку новоформираната регионална медиумска мрежа која што ги опфаќа земјите од Западен Балкан.
-Значајна и важна активност како дел од релизација на проектот и е фомирање на неформална регионална медиумска мрежа од областа на трудот во која членови се медиумски организации, новинари, медиуми. Целта на воспоставувањето и функционирањето на регионалната мрежа е потребата од подобрување на комуникацијата и соработката меѓу граѓанските организации, медиумите и новинарите во промовирањето на прашањата поврзани со трудот, работните услови и безбедноста и здравјето при работа во Западен Балкан. Покрај тоа, оваа неформална мрежа има за цел да ја консолидира стабилноста на земјите и да ги забрза политичките, економските и социјалните реформи кон интеграцијата во ЕУ – вели Јанкова.
Во рамките на проектот, лани во октомври во Охрид се одржа првата Работилница за прашања поврзани со безбедност и здравје при работа, стандарди за истражувачко новинарство, како и протокол за функционирање на мрежата на регионално ниво. На работилницата учествуваа повеќе од 15 новинари од Македонија, Србија, Црна Гора, Косово и Албанија.
Производ на овој проект е и телевизискиот серијал „Сигурна работа“ во пет земји.
-Овој проект создаде и нов производ, кој засега се реализира во пет т.н. ИПА-земји, ТВ серијалот Сигурна работа. Идејата на телевизиско-истражувачкиот проект е да се промовираат правата на работниците, нивната синдикална припадност, да се споделат искуства од ЕУ и европското законодавство, безбедноста и здравјето при работа, да се промовираат позитивни искуства како и најмногу заеднички вистини и митови поврзани со она што е познато како безбедна работа. Еден од начините да се пристапи кон опис на секојдневната борба на обичниот вработен, но и да се подигне јавната свест за безбедноста и здравјето при работа со помош на продукциска куќа и новинари е подготвениот серијал, сочинет од 18 телевизиски стории. Тие преку реални настани од прва рака ја пренесуваат пораката дека здрава и безбедна работна средина значи работа која не е закана за здравјето и психофизичкиот интегритет, како и за социјалната благосостојба на вработениот. На тој начин се штитат интересите на работодавачот, како и самата микро средина, а со тоа и општеството – објаснува Јулија Цветковска, новинар и водител.
Нашите соговорнички нагласуваат дека едукацијата била и е еден од нивните клучни приоритети. Јанкова појаснува дека нивните програми и модули за обуки, семинари, работилници се наменети за сите целни групи кои што ги опфаќаат работниците, работодавачите, вработените, граѓанските организации, јавните институции, медиумите, а целта е професионализација на струката и јакнење на стручниот кадар. Со одобрение од Министерството за труд и социјална политика, додава Јанкова, МЗЗПР подготвува годишна програма за обуки за тековната година.