Борците на Втората македонска бригада каде заменик-политички комесар на третиот батаљон беше Коце-Mеталец

Повод – 81 година од смртта на Коце Металец

Коце Стојановски-Металец останува запаметен како непоколеблив бунтовник за слободата на Македонија и македонскиот народ и еден од најактивните членови на движењето на отпорот против бугарската окупација во Втората светска војна. Како еден од поискусните борци, но и раководител во Втората македонска бригада, успешно ја води низ сите битки против бугарскиот окупатор (заменик-политички комесар на Третиот баталјон). Во една од битките со бугарската армија водена на 12 јуни 1944 година, Металец загинува. Битката со бугарските сили се водела во реонот на селото Стрмашево, Неготинско, кога македонските партизани успешно го уништиле фамозниот бугарски одред Бенковски

На денешен ден, 12 јуни 1944 година, загина Коце Стојановски, познат и како Коце Металец. Во македонската национална меморија останува запаметен како непоколеблив борец за социјална правда и политичка слобода на македонскиот народ. Потекнувал од сиромашно земјоделско семејство.
Завршил основно и три години вечерно училиште. Потоа го изучил коларско-ковачкиот занает и како еден од најдобрите работници се вработил во општинската работилница. Кон средината на 1939 година станал член на КПЈ, а кон крајот на 1939 година и член на Месниот комитет на КП за Скопје. Како ковач по занает, бил член на металската подружница и активно работел во УРС-овите синдикати на металската подружница. При избирањето нов одбор на синдикатите, станал секретар на подружницата. Оттогаш бил наречен Коце Металец.
Во средината на 1940 година по затворањето на Орце Николов, станал секретар на Месниот комитет на КПЈ за Скопје. Го открил соработникот на бугарскиот окупатор, Мане Мачков, дека врши кражба на благајната на синдикатот. Поради тоа Мачков бил исклучен од УРС-овите синдикати, но му се заканил дека ќе дојде ден кога ќе се пресмета со него.

Во почетокот на 1941 година бил предаден на полицијата и одведен во затворот во Прилеп. По капитулацијата на Кралството Југославија, заедно со другите затвореници бил ослободен од членовите на партиската организација на Прилеп. Во 1941 година извесно време бил на партиска работа во Битола. По 1941 година, бугарските агенти го затвориле и го држеле во истражниот затвор околу шест месеци, а потоа бил одведен во Централниот затвор. По судењето, одржано на 9 мај, бил пуштен како „невин“.

Коце Стојановски – Металец

За време на престојот во Централниот затвор, заедно со други другари работел на подготовка на другарите за процесот. Ги подучувал како да се држат пред класниот непријателски суд. Изиграл видна улога во животот на политичките затвореници и бил еден од организаторите на културно-просветниот живот во затворот, а специјално во седмата ќелија каде што бил затворен.

По ослободувањето од процесот пак бил затворен и интерниран во селото Арда, на бугарско-грчката граница. Taмy престојувал шест месеци, а потоа бил префрлен во Скопје, каде што продолжил со работата. Во 1943 година одново бил интерниран во Бугарија. Оттаму кога бил ослободен, како негова сопруга му се придружила и Шина Стојанова, со која заедно се вратиле во Македонија на почетокот на 1944 година. Заедно стапиле во Втората македонска ударна бригада, Коце бил назначен за заменик на политичкиот комесар на Вториот баталјон.

Во сите борби неговиот баталјон бил најистурен и успешно ги извршувал борбените задачи. Во една од многуте борби, во јуни 1944 година, храбро загинал, во борбите против бугарскиот полициски одред Бенковски, кај селото Стрмашево – близу Кавадарци. Во таа битка два баталјона на Втората македонска бригада го разбија одредот Бенковски, нанесувајќи му тешки загуби од 30 мртви и голем број ранети. Сепак токму во оваа победничка битка загина и Коце Металец, полагајќи го својот млад живот за слободата на поробената Македонија.

За одбележување е дека едно од поголемите училишта за средно образование во Скопје го носеше неговото име пред да се преименува во „Михајло Пупин“. По него се именувани и улици во Скопје и Крива Паланка. Д.Ст.


Втората македонска ударна бригада

Втората македонска ударна бригада, позната и како Тиквешка ударна бригада, била формирана во селото Фуштани, на планината Кожув, на 20 декември 1943 година. Била формирана од 480 борци на баталјонот „Страшо Пинџур“, Вториот баталјон на Третата оперативна зона на НОВ и ПОМ и бугарскиот баталјон „Христо Ботев“. По неколку дена, на 23 декември баталјонот „Христо Ботев“ излегол од нејзиниот состав, а бил приклучен баталјонот „Мирче Ацев“. Од 25 август 1944 година, бригадата била во состав на Четириесет и првата македонска дивизија. По формирањето на бригадата, таа почнала да го издава својот орган, весникот „Народна борба“. Борбените операции на оваа бригада се одвивале на целиот терен на Македонија, од егејскиот дел на Македонија, па сè до Сремскиот фронт, Србија, Хрватска и Словенија.

Втора македонска бригада

Во текот на првата половина на 1944 година, Втората македонска ударна бригада водела успешни борби против бугарскиот окупатор кај Кавадаречко, Мегленско и учествувала во Февруарскиот поход. Изведувала диверзантски акции на пругата Гевгелија-Демир Капија, а потоа преминала на теренот на Прилеп и Мариово. Во рамките на овие операции, бригадата имала жестоки судири со бугарската војска кај селото Витолишта, с. Полчишта, с. Конопиште на 7 јуни 1944 година, с. Стрмашево на 12 јуни 1944 година, кај с. Крањево на 19 јуни 1944 г. Кон крајот на јули 1944 година, бригадата имала пет баталјони, а кон средината на август, Битолскиот и Прилепскиот баталјон влегле во составот на Седмата и на Петтата македонска ударна бригада.
Од 25 август 1944 година кога влегува во состав на Четириесет и првата македонска дивизија, бригадата имала околу 1.200 борци и старешини. Во текот на септември 1944 година дејствувала на линијата Гевгелија-Велес, а подоцна учествувала во борбите за ослободување на Прилеп и Кичево (околу 15-18 ноември, 1944 година), како и против германските сили што се повлекувале од Грција по долината на реката Вардар.

Со воената реорганизација од декември 1944 година, бригадата влегла во состав на Четириесет и осмата македонска дивизија, која, пак, била дел од Петнаесеттиот македонски корпус. Во состав на корпусот, бригадата учествувала на Сремскиот фронт, во реонот на Иљача и Винковци, почнувајќи од 12 април до 17 април, 1944 година при нивниот пробив кон Загреб воделе битки кај Стризивојна и Врпоље, па кај Славонска Пожега на 20-21 април, кај селото Гарешница, Чазма и во реонот на Загреб од 25 април до 9 мај. Откако учествувале во ослободувањето на Загреб, заедно со дваесет и првата српска дивизија, вршеле чистење на теренот и разоружување на непријателските сили. На Сремскиот фронт, бригадата го издавала весникот „Нашиот удар“, од кој излегле пет броја. Од оваа бригада на Сремскиот фронт загинале 245 борци и старешини. Д.Ст.