Велигденско интервју со митрополитот дебарско-кичевски г. Георгиј
Митрополитот на Дебарско-кичевската епархија, г. Георгиј, во пресрет на велигденските празници, првпат откако стапи во нова архипастирска служба, во разговор за „Нова Македонија“ се осврна на одбележувањето на Христовото воскресение, приоритетите на неговата служба и улогата на црквата во соочувањето со секојдневните предизвици, истовремено упатувајќи порака до верниците.
Ваше високопреосвештенство, ова е Вашиот прв Велигден како митрополит – како лично го доживувате празникот во оваа нова архипастирска служба?
– Христовото воскресение без сомнение е најголемата радост на сите времиња, за сите луѓе од сите краишта на Земјата. Трае повеќе од два милениуми, а сепак е постојано нова, затоа што секоја година на Велигден одново ја прославуваме најголемата победа во историјата на човекот и светот. А тоа е победата на животот над смртта, на доброто над злото, на вечноста над времето. Изминатите четириесет дена од подготвителниот предвелгигденски период беа споделени преку богослужби и душеполезни молитвени средби со свештенството и верниот народ во повеќе цркви и манастири во епархијата, та и ова време на себепреиспитување и покајание, проштевање и измирување со Бога и ближните беше време на радосна тага и таговна радост. Животот ме однел низ разни места и по разни цркви во светот за овие празнични денови, но за првпат сега се случува да ги минам во Охрид. Ако градот обично е нарекуван словенски Ерусалим поради многубројните цркви и прекрасните светилишта или, пак, поради улогата што ја имал за словенските народи во историјата, сега го гледам како град молитвеник, град оцрковен, град што тивко и ненаметливо, но упорно се стреми кон светоста на новиот Ерусалим.
Кои се Вашите главни приоритети како митрополит во првата година од Вашата служба во Дебарско-кичевската епархија?
– Почетниот период неизбежно беше посветен на внимателно запознавање со состојбите во епархијата, со духовниот живот на верниците, како и со црквите и манастирите. Освен тоа, управувањето со епархијата од административен аспект бара сериозно внимание, мудро расудување и целосна посветеност. Сепак, во срцевината на епископската служба како примарни остануваат пастирската дејност и духовната грижа за доверениот народ. А пастирската грижа на епископот не е само должност туку и жива љубов кон народот. Тој е повикан да го познава својот народ, да го утешува и да ја гради заедницата во љубов и единство, та на тој начин таа да расте, да се гради и надградува како жива Црква во доброто, вистината и милоста, како заедница во која Христос е присутен во секој човек.
Која е суштинската порака на воскресението што денес најмногу им е потребна на верниците?
– Пораката е онаа истата по Христовото воскресение: „Не плашете се, радувајте се“! Со „не плашете се“ започнува првата објава за воскресението Христово од ангелот што се појавува кај празниот гроб, а со „радувајте се“ самиот Христос им се обраќа на апостолите при Неговата прва средба со нив по Неговото воскресение (Евангелие според Матеј 28,5 и 9). Стравот денес е сѐ почесто присутен како резултат на голем број неизвесности или трауми со кои се соочуваме, затоа што се чувствуваме сами и незаштитени. Со Исусовото воскресение се случува пресврт што потврдува дека Бог е посилен од сите закани, па дури и од смртта, како и тоа дека Бог е постојано тука и со нас дури и кога се чини дека не е. Така, воскресението го претвора стравот во утеха, тагата во надеж, а средбата со Бога – во радост.
Како верниците можат да ја живеат велигденската радост и надвор од празничните денови, во секојдневниот живот?
– Нашиот народ мудро беше опеал во една песна дека во нашата вера убава „сека недела е Велигден“. Тоа значи дека на Христовото воскресение не треба да се потсетуваме само еднаш годишно, туку треба да знаеме дека тоа е основата на нашата вера, како и дека таа наша вера треба да ја живееме постојано во постојана доверба во Бога. Свети Климент Охридски многу често во своите проповеди потсетува дека не треба да се нарекуваме христијани само по име, туку и по дела. Тоа значи дека велигденската радост воедно е и обврска; да се љубат другите, затоа што радоста расте кога се споделува, да се биде благодарен, затоа што свесноста за добиениот дар така се потврдува.
Охрид има исклучително значење како духовен центар – како ги гледате неговото место денес и неговата улога во иднина?
– Природната убавина со која Бог го дарил Охрид се надополнува со многубројните цркви и манастири, што го прави градот препознатлив во светот. Историските собитија го направиле и црковен, образовен и културен центар, значаен за многу народи, но најмногу за нашиот македонски народ. Оти во Охрид е вкоренет и изграден нашиот идентитет, тој е темелникот и стожерот, вдахновението и творението, нашиот лик пред себеси и пред светот. Токму затоа не ги кријам моите очекувања да го видам Плаошник повторно изграден, да биде вистински духовен центар не само поради неговото значајно историско наследство, туку поради способноста повторно да се истакне како живо духовно и културно средиште, место на поука и наука, на дискусии и дијалог, на сведоштво и на творештво.

Со кои духовни предизвици најчесто се соочуваат луѓето денес и како црквата може да им помогне да ги надминат?
– Денс луѓето се соочуваат со голем број духовни предизвици што произлегуваат од брзиот начин на живот и современата култура. Веќе ги спомнав стравот и несигурноста поради секојдневните проблеми и неизвесноста од иднината. И покрај материјалната благосостојба, во барањето на смислата на животот, многумина се борат со чувството на внатрешна празнина. Делумно и поради новите можности на поврзување преку модерната технологија, во недостиг од вистинска заедница, сè поприсутни се осаменоста и отуѓеноста. Црквата е заедница, па затоа е потребно да се подобрат можностите луѓето во неа да се чувствуваат прифатено и разбрано, како дел од едно семејство што меѓусебно си помага и се поддржува. На тој начин црквата станува простор каде што човекот повторно го пронаоѓа Бога, се пронаоѓа себеси, а ги пронаоѓа и другите.
Како да се поттикне поголема вклученост на младите во црковниот живот?
– За младите да се вклучат повеќе во црковниот живот пожелен е пристап што ќе ги разбере нивните потреби и интереси. Најнапред е неопходно автентично сведоштво на верата, односно вистински примери на вера применета во животот. Потоа, веројатно е потребно да им се даде поголема можност за активно учество во животот на црковната заедница, а со тоа и поголема доверба. Младите луѓе обично се борат со голем број прашања за кои бараат одговори, па затоа дијалогот со нив е потребно да биде поотворен. На тој начин ќе им се помогне во градењето на нивниот личен однос со Христос Воскреснатиот како значаен дел од заедницата.
Која е Вашата велигденска порака до верниците?
– Во светлината на Христовото воскресение, ја упатувам најрадосната и најсветла порака: Христос воскресе! Нека оваа вистина не биде само празничен поздрав туку жива сила што ќе ги преобразува нашите срца и нашите животи. Воскресението Христово е темелот на нашата вера и извор на нашата надеж – сведоштво дека животот има смисла, дека љубовта е посилна од омразата и дека светлината секогаш ја победува темнината. Во денешниот свет, исполнет со многу предизвици, неизвесности и искушенија, повикани сме да бидеме луѓе на надежта и носители на радоста. Да не дозволиме стравот, поделбите или рамнодушноста да владеат со нас, туку да ги негуваме љубовта, простувањето и милосрдието. Да си бидеме еден на друг поддршка, утеха и охрабрување, сведочејќи ја верата не само со зборови туку и со дела. Нека велигденската радост се всели во секој дом, нека донесе мир во срцата, слога во семејствата и благослов во целото наше општество. Да го носиме Христос Воскреснатиот во себе и преку нас Тој да се открива на сите околу нас. Со молитва за здравје, спасение и духовна радост, посакувам благословени велигденски празници.
































