На манифестацијата „Од нива до трпеза“ што се одржува денеска во Скопје премиерот Христијан Мицкоски испрати порака за поддршка на македонското земјоделство, истакнувајќи дека Владата е посветена на неговиот развој и поддршка на производителите.
– Македонија има потенцијал и тоа не е фраза, тоа е факт. Имаме сонце, имаме вода, имаме плодна почва. Но пред се имаме луѓе. Луѓе кои не се плашат од рани зори, од кал на рацете, од работа до доцна навечер. Тие се вистинските херои на нашето време. Тие се столбот на економијата, на традицијата и на иднината – рече премиерот Мицкоски.
Тој потенцираше дека земјоделството е стратешки приоритет на Владата, нагласувајќи дека во изминатите единаесет месеци се исплатени над 8 милијарди денари во субвенции и финансиски поддршки кон земјоделците.
-Ова не се празни зборови, ова се конкретни дела. Ова се податоци кои говорат за еден нов пристап, нова енергија и јасна визија: да го подигнеме агросекторот, да ги мотивираме младите, да ја дигнеме довербата на земјоделецот – изјави премиерот, повикувајќи ги граѓаните да ја поддржат домашната продукција со купување македонски производи.
На настанот 25 општини од државава ги претставуваат своите домашни производи помеѓу кои има разни винарии, пекари, мед и рачни изработки.
Настанот, кој го организира здружението „Наша традиција, наша иднина“ со поддршка од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, има за цел да ја промовира традиционалната македонска храна, карактеристична за секоја општина, како и убавините на нашиот рурален туризам.