Членката на Државната комисија за спречување на корупцијата, Цвета Ристовска, денеска поднесе неотповиклива оставка од функцијата до претседателот на Собранието, Африм Гаши.
Во писмото доставено до законодавниот дом, Ристовска наведува дека оставката ја поднесува согласно член 14 став 1 алинеа 1 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интересите.
– По недели јавни полемики и сомнежи изнесени во врска со мојата работа во Државната комисија за спречување на корупцијата, донесов одлука да поднесам неотповиклива оставка – стои во дописот.
Таа посочува дека во текот на целата своја професионална кариера, вклучително и работењето во Комисијата, функцијата ја извршувала законито, совесно и со најдобра намера.
Ристовска изразува жалење доколку одредени околности, вклучително и можни административни пропусти, довеле до неосновани сомнежи во јавноста. Во дописот нагласува дека во сите случаи кога постоела можност за потенцијален судир на интереси, барала изземање во согласност со законот и дека никогаш немала намера да прикрие информации.
– Убедена сум дека секој што извршува јавна функција мора да покаже највисок степен на личен и професионален интегритет – наведува таа.
На крајот, Ристовска ѝ посакува успешна и професионална работа на Државната комисија за спречување на корупцијата, во служба на јавниот интерес.

































