Премиерот Христијан Мицкоски јавно го осуди случајот со адвокатот Тони Менкиноски, на кого бугарската гранична полиција му стави црн печат со забрана за влез во Бугарија до 2036 година, оценувајќи дека ваквиот потег испраќа „лоша порака“ и може да влијае врз имиџот на Европската Унија.
Одговарајќи на новинарски прашања по увидот во изградбата на пречистителната станица во Кучевишка Бара, Мицкоски изјави дека разговарал телефонски со Менкиноски и дека е детално информиран за случајот.
– Јавно го осудувам тоа што се случува. Тоа е лоша порака и за самата Европска Унија. Очекувам дел од земјите членки на ЕУ да го осудат ваквото однесување на нашиот источен сосед, бидејќи ова не е првпат да се прекршуваат човековите права – изјави премиерот.
Тој потсети дека Бугарија и претходно не ги спровела пресудите на Европскиот суд за човекови права во Стразбур.
Мицкоски нагласи дека во случајот не станува збор за лице кое е вмешано во криминал, туку за адвокат кој ги застапува правата на Македонците во Бугарија.
– Не зборуваме за човек кој е криминалец, туку за чесен граѓанин чиј единствен ‘грев’ е тоа што ги застапува правата на Македонците од другата страна на границата пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур. Поради тоа добива црн печат, што е навистина бескрупулозно и заслужува целосна осуда – рече Мицкоски.
Според него, доколку Европската Унија не реагира на ваквите случаи, тоа директно ќе влијае врз нејзиниот кредибилитет.
Адвокатот Тони Менкиноски вчера соопшти дека за случајот ги информирал македонскиот парламент, Владата и Министерството за надворешни работи, со цел институциите да преземат соодветни чекори.
Тој изјави дека забраната за влез на адвокат претставува преседан и додаде дека вакво нешто „не се случило ниту во Нирнбершките процеси“.
Менкиноски, кој ги застапува македонските здруженија од Бугарија пред Европскиот суд за човекови права, смета дека идните политики треба да се насочат кон демократизација на Бугарија и целосно почитување на правата на македонското малцинство.
Тој најави дека постојат повеќе механизми за оспорување на одлуката, меѓу кои и постапки пред Советот на Европа и Обединетите нации. За случајот се информирани и меѓународните организации „Хјуман рајтс воч“ и „Амнести интернешнл“, а Менкиноски очекува и реакција од Обединетите нации.

































