Странските партнери во недоумица, разнишана довербата на граѓаните
Многубројните афери што во последно време беа обелоденети, а во кои беа вклучени судии и обвинители, јасно говорат дека корупцијата е длабоко вкоренета во правосудството и дека без радикална реформа и чистка на корумпираните судии и обвинители нема ништо да се промени, без оглед колку пари и да истураат и САД и ЕУ. Таквата реформа треба да подразбира и создавање механизми со кои ќе се тргне секакво политичко влијание врз судството, кое никако да се ослободи од стегите на политиката
Многу пари, многу обуки, многу проекти беа реализирани изминатите три децении во насока на спроведување судски реформи, но тие никогаш вистински не се случија, така што македонското судство наместо да се доближи до европските стандарди, всушност се најде на самото дно. Довербата кај граѓаните целосно е изгубена, а странските партнери со право прашуваат каде завршиле нивните пари.
Без оглед на пораките што доаѓаат од Европската Унија, едно е повеќе од сигурно, дури и да ги спроведе толку бараните уставни измени за да започне со отворање на преговарачките поглавја, не постои никаква дилема дека земјава нема да направи ниту чекор напред во евроинтегративниот процес доколку не ги спроведе потребните судски реформи. Пред извесен период токму ЕУ излезе со 40 препораки за тоа како да се подобри ситуацијата во судството од кои најмалку 17 можеа да се спроведат во релативно краток период, но ниту тоа не се направи, а не, пак, да се говори за спроведување на сите 40 европски препораки.
Амбасадорката на САД реагира за парите на американските даночни обврзници
Реагираат и САД како стратегиски партнер на земјава, кои многу добро знаат дека ако Македонија не го реформира судството ќе се соочи со нова блокада во пристапувањето кон ЕУ, што ќе доведе до дополнителни фрустрации кај македонските граѓани, кои и онака се гневни од лошото судство.
– Се вели дека „зборувањето е без пари“ и обично тоа е точно. Но три децении американски ангажман и помош во разговори за реформи во владеењето на правото, обука на судии и обвинители и поголема соработка меѓу судството, граѓанското општество и граѓаните и функционерите во оваа земја? Ова не беше без пари. Тоа нас нѐ чинеше околу половина милијарда долари, пари на даночните обврзници. Затоа, да го преименуваме денешниот договор во „Повик за акција“. Ајде да се обврземе да го направиме овој план повеќе од само еден документ што треба да се потпише и архивира. Судиите, обвинителите, министрите, членовите на парламентот и лидерите на граѓанското општество, дури и дипломатите, треба да ги земат предвид неговите препораки и потоа да работат заедно за да создадат вистинска судска реформа – изјави американската амбасадорка Ангела Агелер при презентацијата на препораките и акцискиот план за подобрување на состојбите во правосудството, апелирајќи до сите инволвирани страни да работат заедно за создавање вистинска судска реформа.
Многубројните афери што во последно време беа обелоденети, а во кои беа вклучени судии и обвинители, јасно говорат дека корупцијата е длабоко вкоренета во правосудството и дека без радикална реформа и чистка на корумпираните судии и обвинители нема ништо да се промени, без оглед колку пари и да истураат и САД и ЕУ. Таквата реформа треба да подразбира и создавање механизми со кои ќе се тргне секакво политичко влијание врз судството, кое никако да се ослободи од стегите на политиката.
Сѐ погласни апелите за длабоки судски реформи
Граѓаните се сѐ погласни во критиките кон судството и бараат конечно некој да се одважи и да почне со спроведување длабоки судски реформи за да можат да почнат да веруваат во судскиот систем.
– Ние како граѓани сме лично засегнати од ваквиот дисфункционален судски систем. Секој ден се појавува некоја афера во која е вклучен судија или обвинител. И некој таков утре ќе ни суди за имот, за некаков друг предмет, прекршок и слично, при што како ние како граѓани да бидеме сигурни дека нема да пресуди во полза на оној што ќе го потплати, а не според словото на законот. Затоа ни е еродирано судството. Странците велат дека давале пари, но тие најдобро знаат кому му ги дале парите и од нив треба да побараат отчет каде завршиле тие пари – вели Ѓоко Петрушевски, електроинженер од Скопје.
Став на повеќето експерти, универзитетски професори, поранешни судии и адвокати е дека ако кај нас не постои политичка волја за судски реформи, тие нема никогаш да се случат, дури странците да дадат и уште милијарда долари.
– И ЕУ и САД цело време ни кажуваат дека сами треба да си ја завршиме домашната задача. Земете ги сите извештаи на Европската комисија 15 години наназад што ги добиваме, ќе забележите дека Унијата има најголеми забелешки кај правда и правосудство, како и за јавната администрација. Ни укажуваат што треба да направиме, но ние не мрдаме со мал прст, летаме во место – велат познавачите.
Според нив, намерата на странските партнери е да ни помогнат како држава и затоа даваат толку пари, иако лично не се засегнати од нашето нефункционално судство.
– Тоа што го прават, го прават за нас. Ним им е гајле каков е македонскиот правосуден систем, но очигледно сакаат да ни помогнат и даваат препораки. И не само за правосудството така е и за јавната администрација, за борбата со корупцијата. Сакаат Македонија да не стане заробена држава, туку да има институции што ќе бидат во функција на граѓаните, да нема корупција. Ние и без преговори добивавме насоки и задачи од ЕУ, САД постојано ни помагаат и финансиски и со обуки, но ако сакаме нешто да направиме, односно да ја сработиме домашната задача, нашите политичари мора да го променат кодот на однесување, да сфатат дека препораките што ги даваат ЕУ и САД се од интерес за државата и граѓаните и да работат на нивно целосно имплементирање, за утре државата вистински да биде подготвена да биде дел од ЕУ – посочуваат експертите.
Нивното мислење е дека реформите во судството можат многу брзо да се направат, под услов секоја власт да ги тргне рацете од правосудството.
– Апсолутно дека можеме да ги подобриме состојбите во судството, но тоа бара целосно и доследно посветување на таа област, но не од типови политиканти политичари што во мигот се на власт, а и претходно биле, туку од луѓе професионалци што ќе си ја средат областа и ќе нема за никого пардон. Со длабок рез, без пардон, со правни реформи, кои ќе значат евалуација на работењето на секој судија и секој обвинител, но истовремено и одговорност на секој политичар и секој функционер што придонеле за ваквата состојба. Политичарите мора да научат што значи вистинска поделба на власта. Само така ќе се средат состојбите – констатираат експертите.