Божиќно интервју со г.г. Стефан, поглавар на МПЦ-ОА
- Македонскиот идентитет извира од христијанската вера. Целиот наш национален бит е исконско „рисјански“. Целото наше културно наследство е создавано, градено, отпеано, пишувано и зачувано во Црквата. И во времињата на ропство и во времињата на слобода, токму Црквата е таа што нѐ одржала како посебност, вели г.г. Стефан
Улогата на Македонската православна црква и на православната црква, воопшто, секогаш и секаде е иста – да ја сведочи вистинската вера во Троединиот Бог. Тоа значи дека и денес, во ова време во кое техниката навистина брзо напредува и во кое вештачката интелигенција може да тргне по патишта за кои човештвото можеби не е подготвено, Црквата треба да се покаже како совест на народот, како морален ориентир што ќе повикува на одговорност, солидарност и почит кон човечкото достоинство, истакна поглаварот на МПЦ-ОА, митрополитот скопски и архиепископ охридски и македонски и на Јустинијана прима, г.г. Стефан, во празнично интервју за „Нова Македонија“, во пресрет на најголемиот христијански празник, Христовото раѓање – Божиќ. Тој притоа се осврна и на нераскинливата поврзаност на црквата и верата со македонскиот идентитет, улогата на црквата во денешната доба на технолошки напредок и можноста да одговори на духовните потреби на младите генерации, а даде свое видување и за постојните конфликти во христијанството, како и за неодамнешната средба на цариградскиот патријарх со римскиот папа.
Ваше блаженство, на прагот сме на новата година, пред нас е уште еден голем христијански празник – Рождеството Христово. Што би им порачале на верниците, а и на сите други, кои се значењето, силата, надежта и вистината во двата збора што се подолги и подлабоки од томови и томови книги – Христос се роди?
– Божиќ е денот во кој ни се откри тајната скриена од вековите и поколенијата, како што пишува светиот апостол Павле; тоа е денот во кој Бог, останувајќи Бог, се роди од Пресвета Богородица и стана човек. Затоа, сехристијанскиот повик за овој велезначаен и велерадосен ден е, по примерот на тројцата мудреци и витлеемските пастири, кои пред 2.000 години тргнаа за да Му се поклонат на новородениот Богомладенец, и ние да отидеме во храмовите Божји, за сите заедно да го прославиме доаѓањето на Бога меѓу нас.
Го славиме Христос, иако Тој не доаѓа за да биде славен, туку се раѓа во скромна пештера и потоа страда на крстот за нас, за да живее во нас. Затоа нашето прославување на воплотениот Бог добива смисла само ако, очистени од гревот, Му дозволиме да се всели во нас. А да покажеме дека Христос живее во нас не значи да зборуваме повеќе за верата, туку повеќе да ја живееме таа вера. Христос и денес се раѓа во очистените човечки души и во измиените од грев човечки срца. За таквите, велерадосниот поздрав: „Христос се роди“, заедно со велигденскиот поздрав: „Христос воскресе“, се изворот и смислата на животот.
Со каква порака Вие ќе излезете за овој голем празник до македонскиот народ? Што Вие како поглавар имате да кажете во време кога христијанството е во конфликт, во време кога православни народи војуваат меѓу себе и како воопшто да не се разбираат, туку настојуваат да се негираат?
– Неизмерна е болката што ја нанесува секоја војна, дополнително повеќе ако меѓусебните недоразбирања натераат и некои православни народи да застанат еден спроти друг. Повикот за мир на земјата и добра волја меѓу луѓето е темел на божиќната порака и е длабоко вграден во христијанскиот етос, та затоа сите христијани се безусловно повикани да шират љубов, а не болка, зашто живата вера во вечноживиот Бог мора да лекува, а не да ранува, да спасува, а не да повредува. Секој човек, без исклучок, е икона Божја, и никакви историски или политички несогласувања не можат и не смеат да ја избришат таа вистина. Таму каде што светот гледа непријатели, христијанинот е повикан да види браќа што страдаат, да гради слога и да добротвори, да сведочи за мирот и да миротвори.
Ангелскиот воспев што пред две илјади години го посведочи Христовото рождество: „Слава на Бога во висините, а на земјата мир и меѓу луѓето добра волја!“, и денес одлучно нè повикува да бидеме миротворци, а единствената војна што треба да ја водиме е онаа против нашата падната природа – против нашата лична гревовност и острастеност. Затоа, во овие божиќни денови уште позасилено се молиме нељубовта да отстапи пред љубовта и мирот да го изгони немирот.
Знаеме дека пропаднаа неколку обиди православните цркви да се соберат на севселенски собор, но безуспешно. Неодамна во Цариград имаа средба и двајцата поглавари на двете големи христијански конфесии – Вартоломеј на православната и Лав Четиринаесетти на римокатоличката. Како ја оценувате таа средба? Кој беше нејзиниот исход?
– Последниот голем сеправославен Собор, кој се одржа на Крит во 2016 година, за жал, не беше сосема соборен, зашто некои од помесните цркви не учествуваа поради одредени несогласувања. Ние, како помесна црква, поради тогаш сѐ уште нерешеното наше прашање, не бевме дел од подготовките и од реализацијата на Соборот. Но без присуство на претставници на сите помесни цркви, учесниците на тој Собор не можеле да одлучуваат за прашања што се однесуваат на полнотата на сета црква.
Што се однесува, пак, до неодамнешната средба на цариградскиот патријарх со римскиот папа, она што можам да го кажам е дека секогаш е добро кога верски водачи се среќаваат и разговараат во духот на меѓусебното разбирање, како што тоа беше случај со неодамнешната средба во Цариград. На неа патријархот и папата потпишаа заедничка декларација со која уште еднаш ја повторија својата посветеност на дијалогот и ја декларираа потребата од единство, а, освен тоа, ја осудија секоја употреба на насилство и упатија заеднички повик за мир и солидарност во светот.
Колку светите книги можат да се применат во денешните времиња на интернетот, нанотехнологијата и, конечно, предизвикот наречен вештачка интелигенција?
– Светото писмо не е технички прирачник, туку духовен патоказ. Неговата порака е вечна, затоа што се однесува на човековиот однос кон Бога и кон луѓето. А човековите радости и таги, стремежи и слабости остануваат исти во сите времиња, во сите видови на општествени уредувања и во сите нивоа на научни достигнувања. Затоа Светото писмо и Преданието на Црквата можат навистина да служат како мерило за тоа како технологијата да му служи на човекот и да му помага.
Конкретно, за вештачката интелигенција, верувам дека таа, како и секое човечко откритие, сама по себе не е ниту добра ниту зла. Прашањето е во чии раце е и со каква цел се користи. Црквата учи дека човекот е круна на земното создание и, следствено, потсетува дека ниту еден изум, колку и да е напреден, не смее да го замени човекот. Повторувам, високата технологија може да го олесни животот, но не може да му даде смисла. Смислата на животот доаѓа преку заедничарењето со Бога и љубовта кон луѓето, која, пак, произлегува од тоа заедничарење.
На кој начин Црквата одговарала и може да одговори на духовните потреби на младите генерации?
– Црквата може да одговори на духовните потреби на младите и денес, така што ќе остане верна на Евангелието. Нашево време е време на поствистина, а голем дел од младите веќе не се задоволуваат со релативизмот што светот им го сервира. Ако некогаш за нашите храмови се говореше дека во обичните неделни служби се присутни само „бабички“, денес ситуацијата е сосема спротивна. Храмовите, барем во Скопската, но, верувам, и во сите наши други епархии, како во Македонија така и меѓу иселените Македонци по светот, се исполнети со млади луѓе. Имено, тие трагаат по смисла што трае и неа, слава Му на Бога, сѐ почесто ја наоѓаат таму каде што најмногу и ја има – во Црквата!
Како ја толкувате врската меѓу православната вера и македонскиот идентитет? Дали со текот на вековите таа врска се менувала?
– Македонскиот идентитет извира од христијанската вера. Целиот наш национален бит е исконско „рисјански“. Целото наше културно наследство е создавано, градено, отпеано, пишувано и зачувано во Црквата. И во времињата на ропство и во времињата на слобода, токму Црквата е таа што нѐ одржала како посебност. Таа врска не секогаш можела да биде јасно изразена, па дури ниту јасно осознаена, оти честопати ни било забранувано на свој јазик дури и да се молиме. Но и во таквите историски периоди нашите предци се крштевале, се венчавале, постеле, а празниците во храмовите ги пречекувале и прославувале.
Каква е Вашата визија за МПЦ-ОА во наредните 20 години? Секако мислиме и на црквите и паствата надвор од нашите државни граници.
– Во наредните години, Црквата можеби ќе биде помалку влијателна според светските мерила. Но тоа го гледам како благодатна можност таа да стане уште подлабока во своето институционално постоење. Она во што сум сигурен, пак, е дека таа ќе продолжи да Го сведочи Витлеемскиот Богомладенец и да го следи Светото Евангелие, покажувајќи богољубие и човекољубие, молитва и тихување и нудејќи искрена грижа за најранливите. Едноставно речено, и за дваесет години отсега и сѐ додека векот векува, Црквата ќе остане верна на Христа и ќе има што да му каже и да му даде на светот, и кај нас и насекаде.
Честити божиќни и новогодишни празници!






























