Епископот Јаков Стобиски одново повика на протест, кој ќе се одржи утре пред Соборниот храм. Тој посочи дека причината се двата закона – едниот за матична евиденција, другиот за родова еднаквост. На црквата ѝ пречи контекстот што му се дава на поимот род, како и тоа што еден од законите предвидува промена на ознака за пол со изјава. Епископот се огради од евентуален говор на омраза и скандирање. Според него, диктатура е на сметка за остварување нечии права да се остваруваат правата на другите.
– Светиот синод на МПЦ-ОА организира сенароден собир, каде што искажуваме протест против нешто со кое не се согласуваме, особено ние како сериозни фактори на нашето општество. Бараме повлекување на двата закона, од кои едниот е веќе во Собранието – а тоа е законот за измена во матичната евиденција, а вториот е предлог-законот за родова еднаквост, кој се подготвува да влезе. И покрај забелешките за содржината на двата закона, како црква имаме впечаток дека се инсистира да се продолжи постапката и тие да станат официјални во нашето општество со својата содржина. Овој собир не е против никого, туку против содржината на овие закони – изјави епископот.
Тој го повика народот на присуство. Посочи дека предлог-законите ќе ја ограничат слободата на говор.
– Изразот на црквата, протестниот рефлекс на црквата, погрешно се интерпретира во јавноста. Црвката е многу повеќе од институција, тоа е жив организам, заедница која има вредносен систем. И тој систем е апсолутен контраст, спротивен на тоа што ни го нудат и она што сакаат да го донесат двата предлог-закона. Овие закони сериозно ќе го загрозат нашето право на вероисповед, да ја проповедаме верата. Не само што ќе се редефинира целото општество туку ќе се ограничи и слободата на говор со членот кој се однесува на родово сензитивниот јазик – додаде епископот.