Илустрација: „Нова Македонија“

Празничните традиции претставени од македонските собирачи на народни умотворби во 19 век

  • Во изминатите три и пол децении во многу книги, списанија, весници, интернет-портали и блогови можевме да читаме транскрипции на современ македонски јазик на некои од запишаните песни, преданија и обичаи за Божиќ и Бадник од македонските собирачи на народни умотворби во 19 век, но ретко каде сме можеле да видиме како изгледале во оригинал тие записи од пред век и половина. Во чест на најсветлиот празник во годината, денот на Христовото Раѓање – Божиќ, ви овозможуваме да прочитате делови од тие оригинални записи од зборниците објавени во 19 век

Во ерата на дигиталната хиперпродукција, кога информациите патуваат со брзина на светлината, а традициите често се сведуваат на површни имитации, вистинската мудрост понекогаш бара да го забавиме чекорот и да погледнеме назад. Длабоко назад, во 19 век и почетокот на 20 век – времето кога светлината во македонските домови доаѓала од огништето, а знаењето се пренесувало од колено на колено преку жив збор. Она што денес им дава посебна тежина на овие записи е нивната јазична автентичност посведочена во записите на собирачите на народните умотворби од 19 век. Нивните безвременски сведоштва, кои благодарение на модерната технологија стануваат достапни за пошироката јавност, го чуваат пулсот на старите македонски дијалекти. Денес, користејќи ги удобноста на дигиталната ера и интернетот, имаме единствена можност да допреме до дигитализирани копии на оригиналните списанија и зборници. Во нив, на автентични локални дијалекти, се кријат одговори за тоа како нашите стари ја предвидувале годината според времето на одредени празници (народна метеорологија), како се лекувале со „света вода“ и ритуални лепчиња и риби (народна медицина), и какви пророштва и „нишани“ барале во пепелта и пламенот на бадниковиот оган и свеќите. Зачувувањето на ова книжевно богатство – овие божиќни преданија, песни и обичаи, претставува наш долг кон минатото и подарок за сегашните и идните генерации. Старите книги кријат податоци што се драгоцени дури и за модерната наука, нудејќи увид во климатските циклуси од минатото, но и во астрономските знаења што обичниот народ ги поседувал. Тие ја потврдуваат тезата дека нашиот човек живеел во длабока синергија со природата, читајќи ги нејзините знаци со прецизност што денес, за жал, сме ја изгубиле.
Новата 2026 година, според денешното броење на времето, го означува почетокот на втората половина од третата деценија на 21 век. Во изминатите три и пол децении во многу книги, списанија, весници, интернет-портали и блогови можевме да читаме транскрипции на современ македонски јазик на некои од запишаните песни, преданија и обичаи за Божиќ и Бадник од македонските собирачи на народни умотворби во 19 век, но ретко каде сме можеле да видиме како изгледале во оригинал тие записи од пред век и половина. Во чест на најсветлиот празник во годината, денот на Христовото Раѓање – Божиќ, ви овозможуваме да прочитате делови од тие оригинални записи од зборниците објавени во 19 век.
Една од најстарите зачувани песни за Коледе и Божиќ во Македонија е содржана во описот на Јордан Хаџи Константинов-Џинот на Мариово во „Цариградски вестник“ од 1859 година: „Ха! Ха! Коледе! Коледица, Варварица, Сива, сива Голубица кај си ошла прошетала? Сум си ошла покрај море. Што имаше, што немаше? Та имаше бели чаши, бели чаши и канати. Да сʼнапие бели Божи. Божик ми е на небеса. Ха! Ха! Коледе! Пири, пири, испириге Грците…“ Во истиот запис е забележано дека гламјите со оган, кои биле оставани да горат по цела вечер, во тоа време си имале посебна намена што е забележана и во запишаната песна „Бадник вечер, Тоа да кажеш, Коледилу, Ој Коледе на Римпапа, Капина му Дупина, Гламја му в рај, После тураат смрека на сите врати и пеат, Римпапа врека, Чурете му смрека…“.


Обичаите во Струшко и Кукушко содржани во Зборникот на Миладиновци

Во Зборникот на Миладиновци, објавен во 1861 година, можеме да прочитаме за обичаите за Бадник и Божиќ во Струшко и Кукушко. Браќата Димитар и Константин Миладинови запишале дека во Кукуш на Коледе, од полноќ до разденување, децата оделе со стапови (коледачки) од куќа во куќа и тропале по вратите, викајќи „Коледе, бабо, Коледе!“, а од куќите им давале колачи, костени и друго. За Бадник палеле огин во кој ставале голема пенушка, која требало да гори цела вечер, а парчето што ќе останело се чувало до следната година. Во Воденско тоа парче го закопувале во лозјата за грозјето да било поцрно. Миладиновци забележале и дека во домаќинствата се месела и печела погача, која се раздавала со кршење на парчиња, почнувајќи од Бога, па за куќата и со ред од постарите до помладите. Во Струшко, за Бадник пред Божиќ се правеле питулици и со кашата се правеле крстови на вратите и долапите. Децата оделе на Коледе. Во дебарските села си ги црнеле лицата и оделе од село во село со песни и ора, веејќи црвен бајрак со бел крст во средината. Во Магарово децата викале „Коленде меленде, сурова година, цинци, кака, дај ми една колака“. Во Струшко и околните региони вечерта пред Водици (Богојавление) ги оставале стомните отворени и празни, а наутро ги полнеле, дури правеле и посебни ритуали со билки и секира. Миладиновци забележале и дека по селата се носел крст од село во село, а тој што ќе го земел дома, го гоштевал целото село. Децата рано на Божиќ оделе од куќа во куќа со сплетени суровици, пеејќи „суроа Божја, весела година, колку јајца и пилци, толку деца и јагненца“.
Многу информации за народните песни и обичаи во Македонија од 19 век дознаваме и од записите што македонските собирачи на народни умотворби ги објавувале во „Зборникот за народни умотворенија и книжнина“ во Бугарија, во чие прво издание се содржани значајни записи за Коледе, Бадник, Божиќ и Водици запишани од Марко Цепенков. Во следните броеви на овие зборници се содржани собрани народни умотворби и од други собирачи од Македонија. Забележливо е значењето на Божиќ како важен маркер во годишниот календар и најголем празник од кој започнува да се „крева бериќетот за годината“.
Во „Краткото народно календарче“ од Велес, објавено пред околу 130 години од Димитар Матов, можеме да прочитаме дека „денот на 24 декември се викал коледе, децата се радувале, палеле оган од вечер и пак утредента рано, играле и пееле коледни песни. ’Коледето‘ се завалувало најарно од валавец и сусерка, а кога немале, гореле слама. Вечерта спроти Божик се викала бадник“. Матов забележал дека порано во домовите се горела по една суровица, бајка, прачки од смоква и рогови од овен или јарец, но тоа веќе „не се држело толку“. Тогаш веќе по сите куќи палеле гранчиња, ги потурале со вино и јачмен и ги благословувале. На сите софри имало зелник и сарма, а пред да започне вечерата се кршело „кравајчето со парата“ (парата требало да биде стара) на толку дела, колку што имало души во куќата, но и за стоката и куќата. Порано, забележал Матов, на Бадник сајбијата на куќата одел со секира до дрвата што не раѓале, правејќи ритуал за род и бериќет, а така правеле и со жените што не можеле да родат и децата што не прооделе кога веќе им било дојдено времето. Записот, доставен од Матов од Велес во последната деценија на 19 век, бил запишан од Гошо Бојаџиев во 1876 година. Слободно проценете сами за пред колку години точно се однесуваат овие записи и споредете ги со денешната колективна свест на Македонците во Македонија и странство.


Тодор Ецов ја забележал народната метеорологија според празниците

Во уште еден запис од Велес од последната деценија на 19 век, доставен од Тодор Ецов, читаме за народната метеорологија според празниците пред Божиќ и начините на кои народот во Велешко во тие времиња ги предвидувал временските услови. Ецов запишал дека „од Варвара до Игнат денот се дигал колку иглен врв и од таму до нова година се по еден иглен врв денот пораснувал. На Варвара се заваруеле – денот и ноќта бивале рамни. До Варвара ноќта расте. Од Варвара до Игнат – ни ден, ни ноќ. Од Игнат до Нова година – колку петелот од прагот да рипне, до Свети Атанас – еден саат. На Варвара на децата им викале ’рипнете, да не ве завари Варвара‘. Свиња околу Божиќ кога колат, гледат на слезенката дали е зимото напред или е назад, ако е дебелото напред, напред било зимото и изминал тешкиот студ, а ако било назад – назад било зимото и идел голем студ“.
Во запис од Михаил Кратовалиев од 1894 г. дознаваме за обичаите за Коледе, Бадник и Божиќ во Скопско. Кратовалиев запишал дека и најсиромашинте имале барем по една ока овошки за коледе, пита – зелник и кравајче. Во секоја куќа коледарчињата добивале емиш. На бадниковата вечер, домаќинот ги редел дрвата во огништето на посебен начин, како ритуал за бериќет и заштита од зло. Прегореното дрво од огништето на бадниковата вечер се користело и за лекување, а во некои села го распарчувале и од парчињата правеле мали крстови, кои ги закачувале по куќите, шталите, плевните и по патиштата. И во Скопско од Божиќ до Водици преку ноќ не се одело никаде, бидејќи биле „некрстени“ денови.
Вреди да се забележи дека, додека многумина ги испраќале своите записи со народни умотворби во Зборникот за народни умотворби и книжнина во Софија, во 1893 и 1895 г., Васил Икономов од Лазарополе во печатницата „Македонија“ во Софија ги испечатил своите Зборници со стари народни песни и обичаи од Дебарско и Кичевско (Западна Македонија). Неговиот прв Зборник започнува со обичаи и песни спроти Бадник. Запишал дека во Дебарско, особено во малореканските села, спроти Бадник се подготвувале лебови, кои ги нарекувале колаци во различни форми, а заедно со тие колаци или колендари замесувале еден голем леб, кој се нарекувал чист леб, кој го јаделе на првиот ден од Рождеството Христово. Повозрасните деца вареле пченица со шеќер и пееле „Утре вечер бадник вечер, Бодни коња на пазаеа, Купи риба јогула, Дојди дома да ја вариш, Сркни риба убоцај се, Пиј си вино весели се“, „Теле велит леле, Не колите мене, Ток колите кокош, кокош се скри под кош“, „Сива, сива гулабице, От коде си долетала, До нашего Господина, Шчо чинеше наш Госпо, Ми правеше златни чаши, Златни чаши и канати, Да послужит млада Бога, Млада Бог и Божика, Божик ми е на небеса, Слава му е по се земја“, „Добро утро стара бабо, Дај ми колач и погача, Напи се вино и ракија, Појди в племна запали ја, Сркни каша попари се, Косни риба убоцај се“.


Илустрација: „Нова Македонија“

Детските коледарски песни претставени во зборниците на Кузман Шапкарев

И во зборниците на Кузман Шапкарев може да се прочита за обичаите за Бадник во Македонија. Во Охрид, на Бадник од мошне рано уште од темни зори, градските деца и момчиња до 12-годишна возраст, а понекогаш и поглеми, собрани на дружини по три, пет и 10 члена, оделе по куќите и со коледачки во рака тропале од врата на врата пеејќи ја песната „Сива, сива голобица…“, а откако ќе испееле, народот ги дарувал со ореви и костени. Потоа пееле „Коледа, бабо, коледа“. Вечерта на Бадник ставале една голема смрекина пенушка да гори цел ноќ, додека никој не заспивал, бидејќи требало да преноќат будни, па затоа таа ноќ била наречена Бадник – будник. Шапкарев ги запишал и годишните обичаи во Скопје и Скопско, од каде што дознаваме повеќе за Бадник и Божиќ и во овој регион. Во секоја куќа имало пита, сарми, костени, смокви, едно кравајче и риба, која требало да се јаде за заштита од грлобол. Од костените најстариот домаќин фрлал по неколку на четири ќошиња во крст и велел „за многу години“. Во кравајчето се ставало стара пара (како во Охрид на Василица) и се раздавало за сите. Од питата еден дел се чувал до Водици, кога децата ја јаделе како заштита од грлобол. Интересно е што домаќините ги носеле машките деца надвор и ги оставале само девојчињата да видат како догорува бадниковото дрво, бидејќи, според Шапкарев, така ќе им се раѓал поголем женски род од живата стока – јагненца, телци, козлиња.
Во еден од броевите на весникот „Вести“ од Цариград од 1902 г., читаме текст од Христо Спасов Танушоски, кој ги опишува обичаите за Коледе и Бадник во Маврово, Гостиварска нахија. Во овој запис е забележано дека кој ќе видел прв да изгори бадниковото дрво во огништето, ќе ја видел и кравата кога ќе се отелела. Откако ќе изгорат бадниците, домаќинките ги полевале со вино. Децата се собирале и оделе од куќа на куќа пеејќи „Утре вечер Бадни вечер, Бодни коња на пазара, купи риба и цилуна, Дојди дома да ја вариш, Пиј си вино весели се“, а од куќите ги дарувале со сланина, суво месо и пари. Наутро, откако ќе го слушнале црковното клепало, оделе во црква. Утредента, роднините се посетувале и си носеле колачиња, поздравувајќи се со „Христос се роди“ и „Вистина се роди“.


Најобемните зачувани песни и обичаи се во записите на Марко Цепенков

Сепак, најобемните зачувани песни и обичаи за Божиќ се од Марко Цепенков. Во 1891 и 1892 г. запишал: „Ако го донела работата чоека за да одит на туѓина на Божик, дур непомина Водици нечинело да се оди, оти било за неарно. Навечер небидуало да шијат терзиите, ниту жените да предат и друга работа да работаат од Божик до Водици, чунки небила крстена водата и леунка била Богородица“.
„По Водици откако ќе се крстела водата, се одело на туѓина и се почнувало секаква нова работа, саде не чинело во вторник, чунки во тој ден имало лош саат“.
Цепенков го забележал истиот обичај што бил запишан и од Матов во Велешко. На Бадник и во Прилепско се одело со секира кај дрвата што не раѓале, за „ѓоа ќе ги сечат“ и ги плашеле викајќи им и замавнувајќи им со секирите. Откако ритуалот ќе бил направен, според Цепенков, „в година ќе се турело од род“.
„Студот што фаќал пред и по Божиќ и бил многу силен, бил бидејќи рисјаните колеле свињи. Од свинскат крв, во Прилепско се верувало дека што се турала по земјава, Господ ич не бил благодарен, чунки тој сакал да се коле брав, а не свињи, и тогај ќе било топло“. Цепенков запишал и дека „на ден Водици да се измиет чоек со студена вода, многу за арно било, са година здраф ке бил“.
Во Прилепско децата се собирале вечерта на сретсело или на среде маало и палеле огин за да се греат и викале: „Коледе, коледе, коледе!“. По полноќ се собирале со стапчиња во раце и со торбиња на гуша, заедно со едно колендарче врзано со конец бел и црвен – мартинка за појас. Колендарчето било од едно дрвце наделкано со четири ќошиња и нашарано со рески, едни нацрвени со боја. Во него ќе наденува колачиња кај што ќе му даат и ќе го закачува за појас. На конецо ќе му висат колачињата. Кога ќе одат по пат децата, викаат „коледе“, а поголемите пеaт: „Коледица варварица, Сива сива гулабица, Долетала од планина И донесла убавина“. Истиот запис продолжува со уште една песна од Прилепско и песна „по битолцки“. „Коледица моледица И по неа василица И по неа дава Еднаш ни сте во година Како цвеќе во градина“. Пеејќи така, децата ќе дојделе пред порти, тропале за да им отворат и влегувале во куќите викајќи: „Коледе, коледе!“, па добивале колачиња и костени, по што пак ќе свикале: „И догодина дочекале сосе ваша мила рода!“. Потоа домаќинот ги терал да го пробуричкаат огнот за да се силат кокошките, децата буричкале повторувајќи: „Пири пири, пири пири“, па оделе во следната куќа. Дента секој домаќин приготвувал јадење и пиење, едно за Бадник, друго за Божиќ. Домаќинката ја суредувала и променувала куќата и месела посен мазник за вечера. Вечерта се ставала една пенушка во огнот, која ја нарекувале бадникоица. Од водата во која се вареле костените си миеле раце и нозе за да не им пукаат преку летото. Не заспивале и чекале да удри клепалото, по што старците и секој што можел одел во црква, а од црква кога ќе се врателе, ручекот веќе бил готов. Од мазникот што го меселе, правеле по еден крст и го закачувале на вратите, закачувале и троа смрека, а троа палеле за да изгори – тоа било за арно, за вапир да не можел да влезе во таја куќа. Коледето и по селата го правеле како во градот, а Бадник повеќе по правеле во селата отколку во градот, запишал Цепенков. Забележал дека и во селата ставале пенушка бадникоица и правеле мазник, во едни села го оставале најстариот да седи покрај огнот, а другите излегувале од куќата во дворот, каде што еден од домашните го кревал на глава мазникот и тргал да „ја врти куќата“ – да кружи трипати околу куќата заедно со сите од семејството, за по третиот круг да влезат в куќа, каде што станувал највозрасниот и ги поздравувал со: „Добро вечер бадник“, на што тој со мазникот одговарал: „Дал ти Господ добро, Божиќ“. Палеле свеќи за различни работи, за чест да му направат на Божик и да им бидат благословени алатите и нивите. Од тестото од мазникот правеле крстови по сите врати за да ги чуваат од лошо. Палеле смрека за да поткадат и за да не можат да им влезат вапири и сеништа. Во мариовските и поречките села на Бадник јаделе по една смоква за да не ги фаќала палаица – бес, а во поречките јаделе и по троа нишадор и терак. На Бадник спроти Божиќ и во селото и во градот не заспивале цела ноќ и ако некој прилегнел, другите му велеле „легнувајте, ама и будни бидете, оти вечерва е Бадник и во црква се оди“. Кога попот ќе го удрел клепалото, сите оделе во црква, на Божиќ и Велигден сите се причестувале. Три дни Божиќ се праел и ора со гајди се играле на сретсело. Така запишал Марко Цепенков во 1891 година, а пред да го заврши написот во кој на крајот се содржани детски песни за Бадник, ја забележал и поговорката што ја знаеме и денес „пред Бадник, зад Божик, кај и да си, дома да си“.


Пречекот на новата година зазема централно место во обредниот живот

Во секоја култура, без разлика дали е древна или современа, испраќањето на старата и пречекот на новата година зазема централно место во обредниот живот. Заеднички именител на овој феномен е универзалниот стремеж за обезбедување бериќет, среќа, здравје и благосостојба за семејството во претстојниот циклус. Додека пред еден век прославата била исклучиво врзана за традиционалните домашни обреди и црквата, денес доминираат „увезените“ западноевропски навики – организирани дочеци на плоштади и во ресторани, кои често отстапуваат од духoт на нашата изворна култура. Во македонската традиција, новогодишниот комплекс не е само еден ден туку цел период што астрономски започнува со зимската краткоденица. Овој циклус ги опфаќа празниците од Света Варвара и Свети Никола, па се протега сè до Водици, по што преку Свети Трифун продолжува кон пролетниот циклус на празници. Во минатото, овој период изобилувал со аграрни магиски елементи и ритуали за плодност и бериќет. Највидлива промена во традицијата е замената на бадниковото дрво со новогодишна елка. Некогашниот чин на внесување дабово дрво (Бадник), негово посипување со жито и вино и палење во огништето за да ја симболизира топлината на новиот циклус, заедно со поткадувањето со смрека, денес е реткост. Овој обичај е заменет со китење елка – традиција што потекнува од просторите на денешна Германија. Денес, елката е централен декор во секој дом, а чинот на нејзиното китење (и подоцнежно раскитување) стана омилен ритуал на мајките и децата, заменувајќи ја архаичната симболика на огништето. Дури и симболичното бадниково гранче на вратите често се заменува со пластични верзии и натписи „Merry Christmas“. Традицијата на кршење обредно лепче (кравајче) или пита со паричка кај Македонците не е унифицирана, туку зависи од етнографскиот регион. За Бадник, обредната вечера со паричка најчеста била во Скопско, Кумановско, Кривопаланечко, Кратовско, Овче Поле, Велешко, Тиквеш, Радовишко, Штипско, Кочанско, Малешевијата и Пијанец, како и во поголемиот дел од Пиринска Македонија. Главниот обред со пита и паричка се врши на Стара нова година (Василица) во Полог, кај Мијаците, Струшко, Охридско, Кичевско, Порече, Прилепско, Битолско, Железник, Преспа, Мариово, Гевгелиско, Струмичко, како и во Егејска Македонија.
Периодот од Бадник до Водици, познат како „некрстени денови“, во записите на нашите собирачи е претставен како време кога границата меѓу световите е најтенка. Приказните за караконџули, за самовили и занишани места, не биле само „бабини деветини“ туку психолошки механизми преку кои заедницата се справувала со стравот од темнината и непознатото. Влијанието на европските собирачи и контактите со интелектуалци од соседните земји и Европа, придонеле нашите преродбенци да ги препознаат овие приказни не како суеверие туку како вреден културен капитал, сличен на оној што го собирале браќата Грим во Германија. Денес, во 21 век, имаме привилегија што нашите во 19 век ја немале – „интернет“. Можноста да пристапиме до скенирани оригинали и да ги споредуваме записите од различни краишта на Македонија со само неколку клика отвора нови хоризонти. Но технологијата е само алатка бидејќи суштината лежи во нашата подготвеност да учиме од тие записи, но и да ги зачуваме и да им ги пренесеме на идните генерации.
Христос се роди! Навистина се роди!

М-р Никола Ристевски