Четворица инволвирани во денешниот напад врз вработени во М-НАВ се во полициска станица на службен разговор, по што ќе бидат поднесени соодветни пријави, информираше вечерва Министерството за внатрешни работи, по увидот во просториите на Контрола на летање чии вработени денеска пријавија насилен упад и напад врз нив.
– МВР ја известува јавноста дека во полициска станица се четири лица инволвирани во нападот врз вработени во М-НАВ, кој беше пријавен денеска околу 15.15 часот и со нив се вршат службени разговори, по што во координација со Основното јавно обвинителство ќе бидат поднесени соодветни поднесоци. Исто така, се преземаат мерки за пронаоѓање на уште четири лица. Ја известуваме јавноста и дека МВР во наредниот период континуирано ќе ја обезбедува зградата на М-НАВ – соопштија вечерва од Министерството за внатрешни работи.
Ова следува по пријавата од вработен во Контрола на летање дека „во нивните простории влегле повеќе лица кои нападнале дел од вработените“, за што јавноста ја информираше претседателот на Синдикатот на Контрола на летање, Александар Тасевски.
Тој на својот фејсбук профил објави дека „во нивните простории дошле неколку лица со возила и предизвикале караница и нападнале вработени во Контролата на летање, по што случајот бил пријавен во полиција, а биле запознаени и министреите за внатрешни работи и транспорт и врски“. Според него при упадот не реагирало ни надворешното обезбедување, ниту пак обезбедувањето од М-НАВ.
Инцидентот во М-НАВ се случи неколку часа по прес-конференцијата на Тасевски на која тој најави оставки на над 20 вработени во знак на револт поради, како што рече „партиските вработувања во нивната институција“.
Пред инцидентот се огласи министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, со изјава дека безбедноста на авиосообраќајот во Македонија не е нарушена.
Вечерва, по инциденто, реагираше и Владата која најави разрешување на сите членови на Управниот одбор на М-НАВ и контрола на досегашната работа на оваа институција.