Фото: МИА

Премиерот Христијан Мицкоски во негово и во име на Владата го честита изборот на новиот поглавар на Римокатоличката црква папата Лав XIV.

– Изборот на Неговата Светост, Папата Лав XIV, прв понтиф со потекло од САД, претставува историски настан за Римокатоличката црква и за сите верници ширум светот. Овој избор е симбол на ново време на отвореност, духовна одважност и универзална припадност, но и продолжение на традицијата на мир, солидарност и грижа за секој човек – наведува Мицкоски во честитката објавена неговиот Фејсбук профил.

Тој од името на Владата и во негово име, упатува честитки до сите католици, а особено до членовите на македонската католичка заедница, кои, како што посочува, со својата вера, култура и граѓанска посветеност придонесуваат за духовната разноликост и општественото богатство на нашата татковина.

– Нека мандатот на Папата Лав XIV биде воден од мудроста на неговите претходници, од гласот на обесправените и од надежта на новите генерации. Во време на глобални предизвици, неговата порака за мир, дијалог и човечко достоинство добива уште поголемо значење – пишува премиерот Мицкоски.