Фото: Ка.М.

Евроамбасадорот Михалис Рокас при денешната посета на Прилеп појасни дека процесот на пристапување во Европската Унија е строго утврден со договорите на Унијата и не предвидува ограничувања за земјите кои ги исполнуваат условите за членство.

– Процесот на пристапување во ЕУ е дефиниран во договорите на Европската Унија. Всушност, не постои такво нешто кое би предвидувало во тие договори дека втората година ќе може да предвиди за секоја успешна земја која ќе ги исполни условите за членството во ЕУ да го нема, пример, правото на глас или пак да го нема правото на вето. Ако такво нешто се промени се разбира дека тоа тогаш би предвидувало промена на постојните договори на ЕУ, која, од друга страна, за да се променат тие договори, тоа би значело едногласност од сите членки на Унијата – изјави Рокас.

Тој додаде дека во моментов во ЕУ и регионот се води политичка дебата за тоа како би се третирале повеќе успешни земји-кандидати доколку истовремено бидат подготвени за членство, но договорите остануваат непроменети. „Сега, голем и врвен приоритет за вашата земја е да продолжи со имплементација на реформите што, всушност, е јасен пат за имплементација на реформите за Република Северна Македонија – рече Рокас, одговарајќи на новинарско прашање за можноста земјите од Западен Балкан и Украина да бидат примени во ЕУ без право на глас.

Посетата на амбасадорот Рокас започна со средба со градоначалникот на Прилеп Дејан Проданоски.
– Разговаравме во врска со имплементација на проекти на ЕУ тука. ЕУ досега има дадено финансиска средина во проекти од областа на животната средина и за младите. Исто така ги разгледавме прироитетите за третирање на цврстиот отпад и за третирање на дивите депонии. Сакаме да се развие и туризмот во општина Прилеп, која нуди многу. Го покренавме и прашањето за индустриската зона, и за инфраструктура во патната мрежа за да се подобри поврзаноста на Прилеп со регионот – рече евроамбасадорот Михаил Рокас.

Од средбата задоволен и градоначалникот Проданоски.
– Општината соработувале со ЕУ за неколку големи проекти, проекти од програмите Еразмуз плус, а сега сме во фаза за реализација на проектот Аквана со средства од 700.00 евра. Сметам дека со нашите продлабочени односи граѓаните ќе имаат подобар квалитет на живот. Ќе продолжиме заеднички во зачувување на животната средина – рече градоначалникот на Прилеп Дејан Проданоски, истакнувајќи дека амбасадорот ги информирал за отворениот повик за аплицирање на нови проекти и добивање нови средства.

Во рамките на посетата, амбасадорот Рокас оствари средба со советниците во општинскиот совет и со претставници на граѓанското општество во Прилеп, шри што станало збор за конкретното влијание на поддршката од ЕУ врз секојдневниот живот во регионот.

На прашање за случајот со поранешниот вицепремиер Артан Груби, евроамбасадорот нагласи дека ЕУ не се меша во поединечни правосудни одлуки, но внимателно ги следи измените во Кривичниот законик и подготовката на нови закони.

– Европската Унија никогаш не ги коментира ваквите случаи кои се поврзани со имплементација на самото законодавство. Но, нашиот став секогаш е дека сите треба да бидат еднакви пред законот, пред правото. Владеењето на правото треба да се спроведува подеднакво и не треба да има никаква политизација или пак вмешување во спроведување на правото ниту во поединечни, ниту, пак, во сите случаи. Што се однесува до владеењето на правото и борбата против корупцијата веќе може да видиме дека тековно се спроведуваат многу активности. Имаме информации дека Министерството за правда во моментов работи на изготвување на 30-тина закони и, се разбира, се надеваме дека клучните прашања, поврзани со Кривичниот законик ќе може наскоро да бидат спроведени, со цел да може да се подобри и борбата против корупцијата. Ние сме во исчекување на сеопфатен и добар Кривичен законик и сум охрабрен од забрзаната работа што се прави за да се изготват овие закони. Ќе видимке како се одвива сето тоа и, се разбира, ќе го мониторираме спроведувањето на законите – изјави Рокас.

Ка.М.