Целокупниот банкарски сектор во земјава е вклучен во шемата за кредитни трансфери на Единствената област за плаќања во евра (СЕПА), откако и последната банка се приклучи на системот – соопшти Народната банка, пренесе МИА.
Со ова, се заокружува процесот на интеграција на домашниот платен систем во европскиот платежен простор, што ќе придонесе за побрзи, поефикасни и потранспарентни прекугранични трансакции за граѓаните и компаниите.
Од Народната банка посочуваат дека проширената достапност на СЕПА услугите ќе поттикне поголема конкуренција меѓу банките, што може да доведе до намалување на трошоците и подобрување на условите за плаќање, особено за фирмите кои соработуваат со партнери од Европската Унија и другите земји членки на СЕПА.
Воедно, институцијата најавува дека ќе продолжи со активности за понатамошно унапредување на платежната инфраструктура и усогласување со европските стандарди, како и проширување на учеството на домашните финансиски институции во останатите СЕПА шеми.


































