Фото: Архива

За над шест илјади парчиња парфеми, пет илјади пара обувки, пет илјади парчиња облека, но и други производи што Царинската управа ги заплени годинава е утврдено дека се фалсификат. Како што денеска соопштија од Царинската управа, станува збор за вкупно 20 илјади производи со потпис за вкупно 57 заштитени трговски марки.

Царинските службеници на граничните премини и мобилните царински тимови годинава за неполни пет месеци откриле 51 случај на повреда на право од интелектуална сопственост, од кои во 19 случаи веќе е утврдено дека станува збор за фалсификати што требало да се продаваат на македонскиот пазар.

– Напорите во борбата против трговија со фалсификувана стока се препознаени и од страна на застапниците на брендовите, како и од РЕАКТ Балкан – Глобална организација за борба против фалсификувањето. По тој повод на царинарниците, Секторот за контрола и истраги и на Секторот за акцизи, од страна на Глобалната организација им беа доделени благодарници за исклучителен придонес во борбата против трговија со фалсификувана стока – соопштија од Царинската управа.

Директорот Бобан Николовски заедно со својот тим одржал состанок со Катерина Хаџистојанова, менаџер на РЕАКТ Балкан, како и со застапниците на брендовите сè со цел унапредување и забрзување на постапките за утврдување на оригиналноста на производите. На состанокот се дискутирало и за потребата од уништување на стоката за којашто е потврдено дека е фалсификат во најкраток можен рок.

Од страна на застапниците на трговските друштва и РЕАКТ Балкан, се додава во соопштението, било истакнато дека е забележан исклучителен напредок на Царинската управа во борбата против трговијата со фалсификувана стока, за што говорат и официјалните статистики на управата.

– Еден од главните приоритети на Царинската управа е унапредување на институционалните капацитети за ефикасна и ефективна борба против фалсификатите преку воведување на зајакнати мерки на царинска контрола за откривање и спречување на увоз, транзит и извоз на стоки кои го повредуваат правото од интелектуална сопственост, како и преку зголемена соработка со носителите на ова право и нивните застапници во Македонија. Фактите се само потврда за нашите напори во борбата против трговија со фалсификати. Во 2024 година вкупно се евидентирани 75 случаи на заплени на стока поради основано сомнение за повреда на право од интелектуална сопственост, за разлика од 2023 година кога се евидентирани вкупно 29 случаи. Годинава, за неполни пет месеци, евидентиран е 51 случај на заплена на 49.638 парчиња фалсификувани стоки, за разлика од лани кога во овој период се евидентирани 14 случаи на заплена на 19.707 парчиња фалсификувани стоки- истакнал Николовски.