Директорот на Царинската управа, Бобан Николовски во синоќешното гостување во вестите на „МТВ“ најави дека цариниците во иднина ќе носат боди камери со кои што се очекува да се намали нивото на корупција и да се зголеми контролата.
– За сузбивање на корупцијата преземаме конкретни мерки, во скоро време ќе се набават 60 боди камери за што е обезбедена донација од амбасадата на САД – рече Николовски.
Тој додаде дека интензивно се работи и на отпочнување на проектот за автоматизација на терминалите со грант од ЕУ, а најави и координирани акции во иднина со останатите институции.️
– Размената на податоци е клучна за сузбивање на криминалот, но и за креирање ефективни реформски политики при што веќе се договорени конкретни активности со УЈП, Народна банка, Бирото за јавна безбедност, Државен завод за статистика – истакна Николовски.
Николовски потенцираше дека во Царинската управа работат врвни професионалци, а за оние што нема да покажат резултати како што рече нема да има простување.
-Во август се отпочнати 18 дисциплински постапки. Царинската политика согласно приоритетите на Владата, под водство на премиерот Христијан Мицкоски, се темели на два столба – економска трансформација и сузбивање на криминалот и корупцијата. Согласно поставените приоритети во моментов интензивно се работи на повеќе проекти и реформски политики – изјави Николовски.
Покрај системот за видео надзор Николовски вели дека интензивно се работи на отпочнување на проектот за автоматизација на терминалите со грант од ЕУ којшто значително ќе придонесе за забрзување на транспортот и олеснување на трговијата. Проектот подразбира замена на постоечките ваги со дигитални, како и дигитални рампи. Воедно, веќе се работи на усогласување на смените со Агенција за храна и ветеринарство. Во делот на сузбивање на криминалот унапредена е соработката со Бирото за јавна безбедност, а со УЈП е договорено размена на податоци и уште поважно нивно мечирање.
Електронска размена на податоци е договорена и со Државниот завод за статистика и со Народната банка на што исто така интензивно се работи.
За зајакнување на партнерските односи со бизнис заедницата по пауза од две години е реактивирано и Советодавното тело каде членови покрај Царинската управа се стопанските комори и асоцијациите. Ова се само дел од отпочнатите активности, при што директорот Николовски рече дека ќе бара конкретни резултати кои ќе бидат видливи и мерливи преку зголемување на конкурентноста на македонската економија и сузбивање на криминалот и корупцијата.