Поддршка за евроинтеграцијата на Македонија и признание на македонската култура, идентитет и јазик, кои, како што се наведува, ќе ја збогатат разноликоста на ЕУ, содржи резолуцијата што вечерва ја усвои германскиот Бундестаг.
Резолуцијата што ја поднесоа парламентарните групи на трите владејачки коалициски партнери – Социјалдемократите, Зелените и Либералите, вклучува и конкретни препораки до Владата на канцеларот Олаф Шолц во однос на европската перспектива на Македонија.
-Оваа година, 2023, е година за европската иднина на Македонија. Германија е цврсто посветена на европската перспектива на Македонија и решително ја поддржува земјата на нејзиниот пат кон Европската унија. Во последните две децении, Македонија мина низ различни фази, во кои постоеше ризик од губење на јасната ориентација за приближување кон ЕУ и нејзините вредности. Во последните години земјата се врати на реален и амбициозен евроатлантски курс и реформски процес – се наведува во текстот резолуцијата.
Во документот, како што претходно пренесе Дојче веле, се нагласува дека пристапувањето на Македонија во ЕУ е во обостран интерес, а успешниот пат кон пристапувањето во Унијата има далекусежни ефекти за целиот регион.
-Македонија е мултиетнички модел. Германскиот Бундестаг ги признава македонската култура, идентитет и јазик. Во Европската Унија, која се карактеризира со голема разновидност на јазици и култури, јазиците се составен дел од нашето заедничко културно наследство. Јазичната разноликост се практикува во повеќејазичноста на програмите и во работата на институциите. Македонскиот јазик и култура дополнително ќе ја збогатат оваа разноликост. Европската унија го смета зачувувањето и заштитата на ова богатство како една од нејзините најважни задачи – се вели во резолуцијата.
Германски пратеници сметаат дека решавачко за идниот успех на пристапниот процес е надминување на одложувањето на пристапните преговори со ЕУ, процес кој, како што се посчува, тргна во позитивна насока по потпишувањето на Договорот од Преспа.
-Нов предизвик во изминатите три години беше товарот врз процесот на пристапување на Македонија поради билатералните прашања со соседна Бугарија, што на крајот доведе до предвремени избори во Македонија на 15 јули 2020 година и го наруши кредибилитетот на Европската унија и процесот на проширување меѓу населението, во регионот и во другите земји кандидати. И покрај различните напори на двете страни и помошта од поединечни земји-членки на ЕУ, овие разлики сè уште не се целосно решени – се наведува во резолуцијата.
Германскиот Бундестаг предупредува на опасноста процесот на проширување на ЕУ повторно да биде запрен поради билатерални спорови.
-Иако првата пристапна конференција на ЕУ со Македонија се одржа на 19 јули 2022 година, сè уште не се отворени преговарачките поглавја со Македонија. Според компромисот постигнат од страна на Советот со Македонија во летото 2022 година, предуслов за сите понатамошни чекори за интеграција е уставниот амандман, кој предвидува вклучување на бугарската заедница во Уставот на Македонија заедно со другите заедници, за што е потребно двотретинско мнозинство во парламентот, укажуаат германските парламентраци.
Бундестаг оценува дека треба да се преземат сите напори за брзо изнаоѓање решение, за да се создадат услови за следниот чекор во пристапниот процес на Македонија.
Пратениците во германскиот парламент ја нотираат надворешно-политичката позиција на Македонија во однос на војната во Украина, која е целосно сообразена со онаа на ЕУ, забележувајќи дека руската агресија, како и пандемијата на коронавирусот претходно, ја зголемиле економската и социјалната криза во земјата.
-Во оваа тешка ситуација, и владата и опозициските партии во Македонија сносат голема одговорност за одржување на социјалниот мир и продолжување на демократскиот реформски курс. Тие се клучни за патот кон ЕУ кој е и во интерес и на Германија, се наведува во резолуцијата. Од владата во Скопје се бара „итно“ да ги спроведе потребните реформи во чувствителните области како што се борбата против корупцијата, зајакнување на довербата во судството и создавање поголема транспарентност во процесите на избор и назначување на важни функции во јавната администрација.
Германскиот Бундестаг на крајот на резолуцијата ја повикува владата во Берлин да ги преземе неклку конкретни активности за поддршка на Македонија.
-Охрабрете ја Македонија да вложи максимални напори за да создаде услови за отворање на првите преговарачки кластери, особено за спроведување на компромисот од летото 2022 година. Да се продолжи со интензивна поддршка на реформскиот процес за усогласување на законодавството на земјата со правото на ЕУ. Да се заложи билатерално и во Советот на ЕУ за отворање на првите преговарачки кластери со Македонија и да се осврне на одличната подготвеност на земјата за европска интеграција, која е пример за целиот регион. Да ја повика Бугарија да го поддржи патот на Македонија кон ЕУ во рамките на компромисот договорен со Советот и да се воздржи од дополнителни услови. Конструктивно да ги поддржува напорите на Владата на Македонија во областите на реформите во судството, административните реформи, борбата против корупцијата и организираниот криминал и зајакнувањето на владеењето на правото. Да се заложи на европско ниво, модернизираниот процес за пристапни преговори од 2020 година, да се дополни со атрактивни меѓучекори – препорачуваат германските пратеници.
Бундестагот бара и да се поттикнат промените во изборното законодавство и парламентарните реформи препорачани од ОБСЕ/ОДИХР и Венецијанската комисија на Советот на Европа во рамките на дијалогот Жан Моне.
-Да се испита степенот до кој оперативната соработка и техничката помош на полето на полициската работа може да се прошири со Македонија како дел од балканската рута и како транзитна земја за прекугранични мрежи за шверц, истовремено одржувајќи ги стандардите за човекови права и азил, и до кој степен може да се промовираат мерки за обука за помош и модернизација на вооружените сили на Македонија. Да се поддржат мерките за прифаќање и дијалог меѓу различните групи на население во Македонија и правата за заштита на малцинствата, ЛГБТКју заедницата, како и лицата со посебни потреби. Понатамошно проширување на постоечките иницијативи за стручна обука, особено за да се сопре масовниот егзодус на квалификувани работници. Да се прошири работата на програмите за културна, образовна, истражувачка и иновативна политика со цел да се интензивираат односите со луѓето во Македонија врз основа на заедничките европски вредности. Да се прошири дијалогот меѓу Европското јавно обвинителство и истражните органи во Македонија на европско ниво. Да се работи на европско ниво за зголемување и диверзификација на енергетската безбедност и енергетската разновидност во земјата преку подобро поврзување со соседните земји и зголемување и диверзификација на обновливите извори на енергија, стои во препораките до владата на канцеларот Шолц содржани во резолуцијата што ја усвои Бундестагот.