Министерството за надворешни работи на Бугарија вечерва соопшти дека остро ги осудува инцидентите од 27 јули 2023 година во Скопје, во кои беа повредени бугарски државјани, приврзаници на ПФК „Левски“, а еден од нив беше тешко повреден, пренесе МИА.
Во соопштението се наведува дека повредениот бугарски државјанин во моментов е во стабилна, но тешка општа состојба и се опоравува по операција во болница во Скопје. Претставници на бугарската амбасада се во постојан контакт со повредениот и неговите блиски, како и со локалните здравствени власти.
-Изразуваме жалење што позитивниот и спортски дух на натпреварот помеѓу ПФК „Левски“ и ФК „Шкупи“ беше нарушен со акти на агресија надвор од фудбалскиот терен. Очекуваме надлежните органи во Република Северна Македонија да ги преземат неопходните дејства за ефикасна истрага и спроведување на правдата во врска со сериозниот инцидент, посочуваат од бугарското Министерство за надворешни работи.
Од таму уште еднаш ја нагласуваат, како што се посочува, „клучната важност од преземање ефективни мерки за спречување на вакви акти на агресија и гарантирање на безбедноста на сите граѓани“.