Павел Јозеф Шафарик

Безброј историски докази, документи и артефакти што недвосмислено ја аргументираат вистинитоста пред европската и светската јавност за македонскиот јазик, историја и идентитет

Македонскиот апостол од 12-13 век, проучуван од Шафарик во 1863 година, е сведоштво што ги урива бугарските инсинуации и фалсификати за „современоста“ на македонскиот јазик. И воопшто не е случајност што токму денес се навршуваат 164 години од раѓањето на Павел Јозеф Шафарик (13 мај 1795 – 26 јуни 1861), истакнат словачки и чешки филолог и етнограф, писател и историчар, овој момент не можеше да биде посоодветен повод за навраќање кон неговото научно творештво и особено придонесот кон живата и непрестајна историја на македонскиот јазик, од неговата прадревност до денешни дни

Свето Тоевски

„Македонскиот или Струмички апостол е ракопис со околу 88 листа и е пишуван кон крајот на 12 или на почетокот на 13 век“, има напишано Павел Јозеф Шафарик на страница 12, оддел 5, во своето научно дело „Спомени на глаголскиот писател“ („Pamatky Hlaholskeho Pisemnicvi“), објавено во 1853 година. Овој писмен споменик на старословенскиот и македонскиот јазик и на старословенската и македонската култура, пишуван со старословенско кирилско писмо и кој содржи архаична дијалектна македонска лексика (зборови), задобива немерливо значење, особено денес, кога бугарските политичари и бугарските европратеници во Европскиот парламент се обидуваат по секоја цена овие денови да му „залепат“ на македонскиот јазик „временска етикета“ дека е „современ“ и со тоа да издејствуваат „европски парламентарен печат“ дека јазикот на Кирил и Методиј, на Свети Климент и Наум, на Ѓорѓи Пулевски, на Крсте Мисирков и Блаже Конески, е поправо „јазик измислен“, „новосоздаден“ во 1944/1945 година, без да има никакви историски корени во подалечното минато.

„Спомени на глаголскиот писател“ – уште едно научно дело што сведочи
за многувековното постоење на македонскиот јазик и култура

Овој средновековен ракопис, еден од огромната бројка на такви македонски ракописи од средновековието, е беспоговорен показ и доказ за засебноста на македонскиот јазик и народот македонски, кој го говорел и го говори и денес. Македонскиот или Струмичкиот апостол сведочи уште од пред 800 години за апсурдноста и бесмисленоста на денешните бугарски фалсификати околу карактерот и потеклото на македонскиот јазик. Павел Јозеф Шафарик (13 мај 1795 – 26 јуни 1861) е истакнат словачки и чешки филолог и етнограф, писател и историчар, а со ова негово дело тој може слободно да се придодаде и во групата на раните странски македонисти. Негови најзначајни дела се: „Историја на словенскиот јазик и литература на сите наречја“, „Словенски древности“, „Словенска етнографија“ и други.

Денес се навршуваат 164 години од неговото раѓање и ова е соодветен повод за навраќање кон неговото научно творештво и особено придонесот кон живата и непрестајна историја на македонскиот јазик, од неговата прадревност до денешни дни.
Македонскиот (Струмички) апостол oд 12-13 век е напишан на пергамент од 88 листа, со формат 24х17 см. Околу 1830 година ракописот попаднал во збирката на Павел Шафарик, кога го набавил при својот престој на Нови САД. Наречен е според македонскиот град Струмица. Струмичкиот апостол е наречен македонски според јазикот на кој е направен тој препис. Препишувачот слабо го познавал стандардниот словенски јазик и пишувал на говорен јазик, а со тоа го открил карактерот на македонскиот јазик од 12 век. Нашиот јазик е наречен македонски во 19 век и од лингвисти што не се од Балканот.

Во воведот на своето дело „Спомени на глаголскиот писател“ од 1853 година, Шафарик кратко го опишува ракописот, многу јасно и прецизно го означува јазикот како македонски, на кој е напишан, констатирајќи дека до тој момент немал сретнато таква лексика (зборови). На крајот има календар (месецослов) со словенски имиња на месеците.

Апостолот е напишан со неуредна кирилица. Тој ја оддава употребата на јазикот од некој провинциски југоисточен македонски книжевен центар, на што укажува употребата на Ѣ и правописно-јазичните особености, меѓу кои: неразликување на еровите (само ь) и носовките (всушност само ѧ и покрај голем број варијанти на нацртот), вокализација на еровите (о, е), ограничен одраз на деназализација (ѫ>ъ,ѧ>е), промена цѢ>ца, редукција на вокалите. Според употребата на архаичната лексика, Македонскиот (Струмички) апостол му е близок е на Охридскиот апостол.

Според содржинската структура, Македонскиот (Струмички) апостол е систематизиран во два дела: Дела на светите апостоли и Посланија на апостолите. Струмичкиот апостол потекнува од Источна Македонија. Ракописот на Македонскиот (Струмички) апостол го проучувале и други видни странски лингвисти, вклучувајќи ги Вацлав Вондрак, Исмаил Срезневски, НВ Воскресенски, Пјотр Лавров, Јефим Карски, Јозеф Курц и други. Чешкиот лингвист Јиржи Поливка во 1887 година напишал и опширен труд за ракописот, под наслов „Палеографски, граматички и критички особености во Македонскиот праксапостол“ („Paläographische, grammatische und kritische Eigentümlichkeiten in den Makedonischen Praxapostolus“).

Постарите проследувачи на овој споменик на македонската и словенската јазично-писмена традиција сметаат дека тој е препис од глаголица и го сместиле меѓу кирилските ракописи погодни за проучување на првобитниот превод на Светото писмо. Струмичкиот (Македонски) апостол има значење и за проучување на развојот на словенскиот апостолски текст затоа што во него се среќаваат и се испреплетуваат постари и понови варијанти. Од друга страна, тој нуди и богат јазичен материјал за дополнување и уточнување на историјата на македонскиот јазик.

Македонскиот (Струмички) апостол денес се чува во Народниот музеј во Прага (Чешка), во збирката на П.Ј. Шафарик, под сигнатура IX E 25 (ѕ И) и е познат како Шафариков Македонски апостол.