Потсетување на мисијата на Бугаринот Петар Драганов за афирмацијa на македонскиот јазик по повод 169-годишнината од неговото раѓање
Литературата токму на македонското наречје, колку и да е мала, во секој случај е факт. Зарем јас ги измислив јазикот и тенденциите на Пулевски, Шапкарев, А. Ресенецот, Партеније Дебарски, напишал уште пред еден и пол век во своите дела Бугаринот Петар Данилович Драганов, основоположникот на македонистиката во Русија, сомисленик и еден од учителите на Крсте Мисирков и Димитрија Чуповски. Од 1885 до 1887 година тој во Солун ги проучувал дијалектите на учениците Македонци од територијата на цела етничка Македонија, кои во тоа време се школувале во Солун. Пред да дојде во Солун, Драганов мислел дека Македонците се Бугари, затоа што така го учела бугарската пропаганда. Но, откако ги проучил македонските дијалекти, заклучил со аргументи дека Македонците не се ниту Бугари ниту Срби, туку посебен и самостоен народ во Балканот. Драганов е роден на денешен ден, 13 февруари 1857 година, во семејство на бугарски колонисти во градот Комрат, тогаш во Руската Империја, а денес во Молдавија. Денешната 169-годишнина од раѓањето на овој исклучително значаен бугарски и руски македонист е повод за потсетување на неговиот живот и научна дејност, која ги фрла во вода уште од пред еден и пол век сите денешни и тогашни бугарски негирања и фалсификати за непостоењето на македонскиот народ и јазик.
Бидејќи бил Бугарин по националност, Бугарската црква (Егзархијата), го повикува Драганов да работи како професор во Солунската машка гимназија, заради ширење бугарска пропаганда меѓу учениците Македонци што учеле во Солун. Неговата задача била да ја продолжи бугаризацијата на македонското население. Драганов работи во Солун од 1885 до 1887 година. Кога дошол во Солун бил приврзаник на бугарскиот став за Македонците, односно пораснал со лажната бугарска историја, со која бил школуван, дека Македонците се Бугари.
Но за време на предавањата Драганов почнал да го истражува македонскиот идентитет и барал од своите ученици Македонци да му носат и да му запишуваат песни, раскази, преданија од сите делови на етничка Македонија. Покрај тоа, и самиот собирал етнографски материјали од разни краишта на Македонија. Составил обемен зборник на фолклорни материјали, кој му овозможил да ги проучува, како што истакнал, „особеностите на македонските говори во споредба со бугарските говори“.
По двегодишните обемни етнографски и лингвистички истражувања во Македонија, Драганов ќе изгради сопствен став за етничкото потекло и културниот идентитет на Македонците. Врз основа на обемниот изворен јазичен и етнографски материјал, Драганов заклучува дека Македонија е посебна етнографска целина на Балканот и оти македонските говори (дијалекти) се дел од посебен македонски јазик, а Македонците се посебен балкански народ. Поради ваквите негови ставови, кои биле во директен судир со бугарската пропаганда, Бугарите веднаш го враќаат Драганов дома. Потоа преку голем број написи и предавања тој ќе ги постави темелите на македонистиката во Русија. Своите согледувања за етнојазичната посебност ги изнесува и во книгата со наслов „Македонија и Македонците. I: Македонски славјански зборник“.
Жесток одговор на нападите
Како доследен македонолог и основоположник на македонистиката во Русија, афирматор на македонската национална свест, на македонскиот јазик и литература, на македонскиот фолклор и етнографија и на македонската историја и култура на крајот од 19 и почетокот на 20 век, Драганов им упатил жестока порака-одговор на сите што го напаѓале.
– Србите и особено Бугарите го презираат ова македонско наречје, а мене ме напаѓаат затоа што не се однесувам со почит и верба кон нивните големи политички идеи и оти препорачувам некаква посебна македонска литература… Но, тие свињари не знаат дека литературата токму на македонското наречје, колку и да е мала, во секој случај е факт и не ја измислив јас. Па, зарем јас го отпечатив зборникот на Миладиновци (не е важно што Хрватите во Загреб го нарекоа ‘блгарски’, со глупавото и неумесно Ѫ)? Зарем јас ги измислив јазикот и тенденциите на Пулевски, Шапкарев, А. Ресенецот, Партение Дебарски – навел во своите записи Драганов.
Како одговор на нападите и дека „го продал бугарското дело“, Драганов возвратил дека „многу го сака македонското наречје“: „Некои бугарски автори со егзархиските пропагандисти во Македонија констатираа дека јас, како чист Бугарин по потекло, малку или недоволно бугарофилствувам… некои дури и заклучија дека лошо се однесувам како Бугарин и оти сум го продал бугарското дело. Голем дел од тоа што веќе го имам отпечатено за македонското наречје… и што уште имам намера да отпечатам за тој предмет, јасно покажува дека многу го сакам тоа наречје, му пожелувам, спротивно на српските и на бугарските желби, долготрајност и литературен развој.“
Така Бугаринот Драганов ја запознал и ја засведочил во Европа и Балканот етнокултурната и јазичната посебност на македонскиот народ, Тој ја афирмирал неуморно таа македонска засебност, особено во рускиот печат, пишувајќи за македонскиот јазик, за народното творештво и за етнографијата. Историчарот Блаже Ристовски во своите истражувања нагласува: „Неговите статии предизвикаа вонредно внимание во науката и во политиката од втората половина на XIX век и го изнесоа македонскиот проблем на европско научно ниво.“
Според него, „Македонско-словенскиот зборник“ на Драганов е прв (и единствен) труд што го претставува македонското поетско народно творештво под македонското национално име и толкувано од македонско национално гледиште – сѐ до Рациновите „Македонско-народноослободителни песни“ од 1943 година!
Петар Данилович Драганов починал на 7 февруари 1928 година во Комрат. Блаже Ристовски, Гане Тодоровски, Манол Пандевски и други историчари, лингвисти и научници од различни профили со своите истражувања придонесоа да се сфатат големината на неговата личност и значењето на неговото дело за нас, Македонците, за нашето минато, за нашата современост и нашата иднина.































