Како што јави дописникот на МИА од Софија, за време на дебатата, поранешната министерка за надворешни работи и пратеничка на ГЕРБ, Екатерина Захариева, предложи бугарската Влада да ја одобри предложената преговарачка рамка од страна на француското претседателство со ЕУ, поставувајќи услови – да направи напори за доработка на текстот на Уставот.
– Одобрувањето на преговарачката рамка не значи и признавање на македонскиот јазик – рече Захариева додавајќи дека бил направен обид трите предлози да се обединат во еден, но тоа не успеало бидејќи „Продолжуваме со промената“ го смениле мислењето.
Кристијан Вигенин од БСП и поранешен министер за надворешни работи, истакна дека за нив предлозите од ГЕРБ-СДС и од ДПС се неприфатливи, додека предлогот на Иванов го оцени како добра основа, но се воздржа од гласање.
Како што истакна, социјалистите не можат да се согласат на таков документ.
Од партијата „Има таков народ“ на Слави Трифонов рекоа дека се против трите предлози, а ист став имаа и претставниците на „Преродба“.
В петок трите предлози ќе влезат на дневен ред во Народното собрание на Бугарија и откако ќе се расправа за нив, еден од нив ќе биде усвоен, изјавија пратениците за МИА во Софија.
Тие ќе му дадат мандат на премиерот во оставка Кирил Петков да даде согласност на Бугарија на предлогот на француското претседателство со ЕУ за преговарачката рамка за почеток на преговорите меѓу Северна Македонија и ЕУ.