Ковачевски посочи и дека двете земји влегуваат во решавање на отворените прашања, за нова иднина, како и дека со Петков е договорено Бугарија да не ја проблематизира употребата на краткото име на нашата држава
„Северна Македонија и Бугарија се блиски соседни држави, а Македонците и Бугарите се два блиски и пријателски народи“, посочи денеска во своето обраќање премиерот Димитар Ковачевски за време на заедничката прес-конференција со неговиот бугарски колега, Кирил Петков.
Ковачевски посочи и дека двете земји влегуваат во решавање на отворените прашања, за нова иднина, како и дека со Петков е договорено Бугарија да не ја проблематизира употребата на краткото име на државата.
-Денес, како премиери на две блиски држави се согласивме дека влегуваме во интензивна динамика на решавање на отворените прашања со цел побрзо обезбедување на нова иднина. Денеска со премиерот Петков се договоривме дека Бугарија прифаќа да го користи краткото име – Северна Македонија, како и долгото име – Република Северна Македонија. Тоа значи дека Бугарија нема повеќе да ја кочи употребата на краткото име во ниту еден меѓународен или билатерален процес и за тоа ги извести Обединетите нации-рече Ковачевски.
Како што рече премиерот, земјава испратила вербална нота до ОН во која изречно потврдува дека двете имиња (краткото и долгото) се подеднакво валидни и оти со употребата на краткото име немаме никакви територијалните претензии.
Ковачевски рече дека отстранувањето на прашањето за името од преговарачката маса е голем чекор, а следно што треба да се направи е да се финализира договорот за прекугранична соработка за периодот од 2022 до 2029 година, каде што најзначаен проект е отворање на граничниот премин „Клепало“.
Премиерите договориле и за една недела отсега – на 25 јануари, да се одржи заедничка седница на двете влади, а меѓу планираните чекори, како што најави, е и формирање работни групи.
Ковачевски на заедничката прес-конференција рече дека со Петков имаат заедничка цел – да создадат услови за подобра иднина на граѓаните во двете држави.
-Северна Македонија и Бугарија се две блиски соседни држави, а Македонците и Бугарите се два блиски и пријателски народи и затоа денеска како двајца премиери се согласивме дека влегуваме во интензивна динамика на решавање на отворените прашања – рече Ковачевски.