Министерот за култура и туризам Зоран Љутков, во попладневниот дел од собраниската седница, одговарајќи на прашање поставено од пратеникот на Левица Реџеп Исмаил, рече дека директорот на Македонската филхармонија, Мустафа Имери, бил избран на легитимен начин и оцени дека обвинувањата кон него се неосновани.
Љутков нагласи дека од 2024 година буџетот на Министерството за култура и туризам се зголемува секоја година за минимум 10 проценти, а дека во сите културни институции буџетите за продукција се зголемени од 50 до 100 проценти. Според него, дел од изнесените тврдења на пратеникот Реџеп Исмаил, се резултат на непроверени информации.
– Грешите многу. И она што ќе ви го напишат ќе треба да го прочитате и да размислите, па на крај да донесете заклучок. Ако ги проверите фактите ќе забележите дека од 2024 година Буџетот на Министерството за култура и туризам се зголемува секоја година за минимум по 10 проценти. И ако сте прочитале малку ќе забележите дека на секоја институција во културата од 50 до 100 посто е зголемен буџетот за продукција- рече Љутков.
Во врска со Колективниот договор, министерот посочи дека станува збор за мешање на поимите Општ и Посебен колективен договор, потенцирајќи дека проблемите од април минатата година, произлегле од Општиот колективен договор донесен во 2023 година, а не од Посебниот колективен договор во културата.
-Во врска со Колективниот договор сте ги помешале работите. Едно е Општиот колективен договор, а друго е Посебниот колективен договор што јас го поддржав и како актер, и како претседател на Комисијата за култура на ВМРО-ДПМНЕ – рече Љутков и посочи дека овој Колективен договор е еден од најдобрите во државата.
Тој информираше дека пред три дена Апелацискиот суд во Битола го поништил решението на првостепениот суд, со што, како што рече, грешката е исправена.
Љутков истакна дека седум години немало ниту една капитална инвестиција во културата, додека во моментов сите институции се „откочени“. Како примери ги наведе Турскиот театар во Скопје, театарот во Куманово и кино „Партизан“ во Битола, кои се во завршна или активна фаза на реализација.
Министерот рече дека по пожарот во Кочани, на сите директори им било наложено да ја проверат безбедносната состојба во институциите, при што поради утврдени пропусти бил затворен Театарот во Прилеп и е започната постапка за изработка на нов проект за целосна реконструкција на театарот „Војдан Чернодрински“.
На прашањето од пратеникот дали ќе поднесе оставка, министерот Љутков одговори дека одлуките ги носи претседателот на Владата и дека тој е задоволен од својата работа.

































