Специјалниот пратеник на македонската влада за решавање на спорот меѓу Бугарија и Македонија, Владо Бучковски, вели дека е убеден оти во наредните месеци Софија ќе ја укине блокадата за почеток на преговорите за членство во ЕУ, објави бугарската новинска агенција БГНЕС.
– Во 2021 година Бугарија немаше редовна влада цели 8 месеци. Во земјата имаше три парламентарни и едни претседателски избори. Тоа сериозно влијаеше на нашите напори да најдеме заемно прифатливо решение и да ја укинеме блокадата на нашиот пат кон ЕУ – изјавил Бучковски.
Според македонскиот преговарач и поранешен македонски премиер, „и покрај овие непредвидени околности, постигнат е напредок во градењето доверба меѓу двете земји“.
– Временската рамка за овие работни групи, кои ќе бидат исполнети со интензивни состаноци, може да се скрати. Во тоа сум убеден, но ситуацијата ќе биде појасна по средбата на новиот македонски премиер Димитар Ковачевски со неговиот бугарски колега Кирил Петков, која е закажана за средината на јануари. Во 2022 година очекувам да се постигне взаемно прифатливо решение со Бугарија. Решение кое ќе се заснова на меѓусебно почитување и ќе се одржува. Бугарската блокада ќе биде укината. Почетокот на преговорите со ЕУ конечно ќе биде реалност – го цитира БГНЕС Бучковски.
Тој во разговорот за бугарскиот медиум се осврнува и на критиките од лидерот на македонската опозиција, Христијан Мицкоски, според кој „бугарскиот премиер Кирил Петков не е храбар политичар“, Бучковски вели дека никако не може да го прифати тој став на Мицкоски, и додава дека „Петков зборува за општо-прифатлива одлука, но не и за наметната одлука“.
Македонија веќе подолг период е под бугарско вето за старт на преговорите за членство во ЕУ. Бугарската страна бара Македонија да признае бугарски корени на македонскиот иденитет и македонскиот јазик, како и внесување на бугарите во македонскиот Устав. Од Македонија одговорот е дека тоа се нашите црвени линии и дека тоа е нешто за што ниту се преговара, ниту ќе се преговара.