Брзата реакција од сите нас по несреќата во Кочани беше да го спасиме секој млад живот. Министерството за одбрана веднаш направи кризен штаб преку кој се водеа многу процеси и комуникација во однос на транспортот и лекувањето на пациентите, истакна ресорниот министер Владо Мисајловски во обраќањето на првиот панел „Европски механизам за цивилна заштита и меѓународниот одговор: координација, солидарност и искуства“ во рамките на „Меѓународната конференција за институционалните и клиничките аспекти и решенија по пожарот во Кочани“, што се одржува денеска во Скопје.
Тој изрази благодарност до Армијата, полицијата и лекарите, кои ги нарече херои.
– Ние сме политичари, менливи и минливи, но брзата координација од сите нас направи на луѓето на терен да работат напорно и да спасуваат човечки животи. Луѓето во белите мантили, докторите, се најголемите херои кои се справуваа со кризата- рече Мисајловски.
Неизмерна поддршка посочи дека добил и од амбасадорите и воените аташеа, давајќи максимум да стигнат што повеќе хеликоптери и авиони за секое дете да биде пренесено во соодветни медицински центри.
Според него, координацијата била клучна за транспортот, логистиката и сместувањето на повредените.
– Во такви кризни состојби давате се од себе да се помогне. Треба да се направи систем кој ќе функционира. Овој систем од ЕУ FN е можеби најдоброто решение за да се напрви можност како да се помага за разни видови на жаришта и кризи. Но, секогаш, за жал, ќе постојат кризи. И во тој момент нас ни требаат национални ресурси како да помагаме и ни треба систем. Систем кој долго време и дали намерно низ годините бил разурнат, кој што системски треба да го градиме сите како институции, за во еден даден момент на кризи да покажеме и ние како држава дека можеме сами да се справуваме, но и да пружиме помош кон сите соседи – нагласи Мисајловски.
Тој подвлече дека искомуницирал со многу амбасадори и министри за одбрана за активирање на сите достапни капацитети, посочувајќи дека и Министерството за одбрана и Армијата секогаш им помагаат на соседните земји кога е потребно, пренесува МИА.

































