Фото: Принтскрин

Брзата медицинска реакција, координацијата меѓу здравствените тимови и поддршката од институциите биле клучни во спасувањето на повредените по трагичниот пожар во кочанската дискотека „Пулс“. Ова го истакна д-р Елизабета Обочки, пластичен и реконструктивен хирург на Универзитетската клиника за хируршки болести „Св. Наум Охридски“, на панелот „Национален и меѓународен здравствен одговор и акутен третман на изгореници“, што се одржа во рамки на Меѓународната конференција за институционалните и клиничките аспекти и решенија по пожарот во Кочани, пренесе МИА.

Таа посочи дека рано утрото на 16 март бил мобилизиран медицинскиот тим на клиниката по повик од шефот на дежурната служба. Во акцијата биле вклучени пет пластични хирурзи – доктор Атанасова, доцент доктор Стевковска, доктор Шапова и доктор Груев, како и тројца специјализанти – доктор Шојлев, доктор Рајковска и доктор Арџанова. Во координација со директорот на клиниката, доктор Настов, бил активиран и целиот тим анестезиолози, а операционите сали и одделенијата биле целосно подготвени за прием на повредените.

Во рок од час и половина во клиниката биле примени 30 пациенти, при што веднаш била направена тријажа. Осумнаесет пациенти биле згрижени на Одделот за интензивно лекување, а останатите биле распределени на Одделот за детска и пластична хирургија и на Одделот за урологија.

Според д-р Обочки, кај голем дел од пациентите покрај изгорениците биле регистрирани и дополнителни повреди, како инхалациони оштетувања и интоксикации. Затоа било неопходно брзо и внимателно да се процени состојбата на секој пациент и веднаш да се започне со соодветен хируршки третман. Пациентите биле на возраст од 17 до 47 години, а изгорениците се движеле од седум до 40 проценти од телесната површина. Кај двајца пациенти биле изведени итни фасциотомии поради сериозни повреди на функционални делови од телото, додека кај десет пациенти биле направени итни ешаротомии.

Таа нагласи дека повредените биле веднаш прегледани и од други специјалисти, меѓу кои трауматолози, неврохирурзи, радиолози и интернисти, како и офталмолози, пулмолози, токсиколози и психијатри. Според неа, ваквата мултидисциплинарна соработка била од суштинско значење за навремен и ефикасен третман.

Д-р Обочки упати благодарност до Владата за брзата реакција, како и до медицинските тимови од Клиничкиот центар „Мајка Тереза“. Таа истакна и благодарност до соседните земји и европските држави кои помогнале во транспортот на најтешко повредените пациенти во специјализирани центри за третман на изгореници.

Во следните две недели, клиниката „Св. Наум Охридски“ функционирала како центар за лекување на изгореници за 11 пациенти. Во третманот учествувал и медицински тим од Израел, кој помогнал со ензимски третман на раните. Дополнително, третиот ден од повредите бил извршен хируршки третман со рана ексцизија и покривање на оштетените делови од телото со автотрансплантати, особено на дланките и шаките кај шест пациенти.

Таа истакна дека во процесот на лекување голема улога имале и медицинските сестри и целиот здравствен персонал, кои обезбедувале постојана нега, нутритивна поддршка и психолошка помош. Посебна благодарност упати и до Институтот за јавно здравје за редовните микробиолошки анализи, кои биле важни за контролата на инфекциите и за побрзо закрепнување на пациентите.

Благодарение на интензивниот третман и рехабилитација, дел од пациентите успеале да се вратат дома по еден месец лекување. Во меѓувреме, тројца пациенти кои биле лекувани во странство биле вратени во земјата, по што продолжил нивниот третман со дополнителни кожни трансплантации.

На крајот од своето обраќање, д-р Обочки нагласи дека лекувањето на изгорениците бара брза реакција и навремени медицински одлуки кои можат директно да спасат живот. Според неа, токму тимската работа, стручноста на лекарите и навремената институционална поддршка помогнале да се спасат млади животи и да се зачуваат нивната иднина и соништа. Таа упати благодарност и до меѓународните партнери и колеги кои ја покажале својата поддршка и солидарност.