Продолжува традицијата на чествување и празнување на најважниот и најголемиот празник на лозарите Св. Трифун во Кавадарци, со бројни манифестации и културни настани напоредно со празнувањето на семејствата на сите лозари кои денеска официјално со традиционални обреди ги закројуваат своите лозја и свечено го објавуваат започнувањето на активностите на своите лозови насади.
Во четирите културни установи во градот и на градскиот плоштад секојдневно од вторникот 11 февруари се организираат најразлични манифестации за дегустација на вина и домашни ракии заедно со топли напитоци и вкусна храна. Првиот културен настан беше изложбата на ликовни дела од „Валандовска ликовна колонија 2024“ во домот на културата „Иван Мазов Климе“ , потоа промоцијата на стихозбирката „Домот на љубовта“ на Анита Бошкова во библиотеката „Феткин“ , прекрасниот настан насловен како „Вино на женски начин магија во секој вкус“ во чест на Св. Трифун во Винскиот музеј за регион Тиквеш, во кој се содржеа изложбата на ликовни дела на ликовниот уметник од Кавадарци Лазар Дојчинов, поезијата инспирирана од виното и љубовта во интерпретација на Цветанка Колева, Марија Камчева, Мики Василев, Моника Чоклева, Викторија Недева и Андријана Преметарев. Настанот беше пропратен со дегустација на вина од три винарии и избор на највкусни специјалитети направени од грозје и вино уникатен настан во организација на Комисијата за еднакви можности при локалната самоуправа.
Синоќа во Домот на културата „Иван Мазов Климе“ по пети пат се одржа фестивалот на традиционална музика СРМА плод на плодната и успешна соработка на културен план на градот Кавадарци со градот Ковин од Република Србија кој на најдобар начен го покажува негувањето на изворниот фолклор и традиционалната музика преку младите интерпретатори и музичари од двете држави.ПО овој настан во библиотеката „Феткин“ следеше упте едно издание на традиционалната манифестација „Вино и поезија“.
На градскиот плоштад денеска ќе се одржи традиционалното закројување на винова лоза додека вечерва во 19 часот Музеј галерија ќе биде отворена групна изложба „Боите на Св, Трифун“ на дела од дури 39 актуелни ликовни уметници од Македонија по што на градскиот плоштад ќе следи настапот на стендап комичарката Надица Петрова по што ќе следи Диџеј Були и настапот на Влатко Лозановски. М.М.