Во врска со пишувања во некои британски медиуми и реакции во земјава за наводно отворање мигрантски кампови, Британската амбасада објави на социјалните мрежи статус со кој посочува дека двете земји имаат воспоставено Стратешко партнерство фокусирано на долгорочна политичка, економска и безбедносна рамка дизајнирана да ја продлабочи соработката и да ја зајакне стабилноста и просперитетот во двете земји.
-По клучната средба меѓу премиерите Стармер и Мицкоски во мај, Велика Британија и Северна Македонија воспоставија Стратешко партнерство фокусирано на долгорочна политичка, економска и безбедносна рамка дизајнирана да ја продлабочи соработката и да ја зајакне стабилноста и просперитетот во двете земји. Како дел од ова, двете земји потпишаа партнерство Влада со Влада за реализација на критични инфраструктурни проекти во земјава. Оваа соработка беше зајакната и од двајцата премиери за време на средбата во рамки на Берлинскиот процес што се одржа во Британија во октомври оваа година. Дополнително, двете земји соработуваат преку Заедничката работна група за миграција за борба против нерегуларната миграција и организираниот имиграциски криминал, зајакнувајќи ја безбедноста и справувајќи се со криминалните мрежи. Ние стоиме цврсто со нашиот македонски сојузник во НАТО во унапредувањето на просперитетот, безбедноста и економскиот раст – стои во објвата на фејсбук профилот на Британската амбасада.
Амбасадорот Метју Лосон на заедничката прес-конференција во мај со премиерот Христијан Мицкоски, на која беше претставен Договорот за стратешко партнерство меѓу двете земји, ги демантираше информациите во некои медиуми дека во земјава ќе се градат кампови за мигранти и кажа дека суштината на ова стратешко партнерство се инвестиции, раст на економијата. – Не се работи за тоа дека ќе се прифаќаат мигранти од Британија. Станува збор за полициска соработка, борба против криминални мрежи и споделување разузнавачки податоци, рече Лосон.
За ова вчера реагираше ВМРО-ДПМНЕ, по барањето на опозициската СДСМ да кажат што е договорено со Британците.
-Да бидеме јасни, заради јавноста: Македонија нема, не планира и не преговара за отворање мигрантски кампови. Ова е уште една лага од “фабриката” на истата партија која пред само неколку години молчеше пред најголемиот мигрантски бран и ја претвори државата во транзитна зона без контрола. Денес, тие истите глумат загрижени патриоти – стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.


































