Манастир „Свети Илија“ во Мирковци/Фото: Архива

Великиот старозаветен пророк Свети Илија е една од позначајните личности во Светото писмо. Свети Илија бил исполнет со една навистина чудесна ревност и вера во Бога и за време на својот живот одиграл пресудна улога за зачувување на вистинската вера во Израил. Бил богоугодник, чудотворец, боговидец, голем пророк, се борел против идолопоклонството. Тој станал вистински поборник за верата, надежта и љубовта во Бога

СВЕТИОТ ПРОРОК ИЛИЈА – ВТОР ПРЕТЕЧА НА ХРИСТОВОТО ДОАЃАЊЕ

На втори август Македонската православна црква–Охридска архиепископија (МПЦ–ОА) и нејзините верници го одбележуваат споменот на великиот старозаветен пророк Сети Илија, кој е една од позначајните личности во Светото писмо. Свети Илија бил богоугодник, чудотворец, боговидец, голем пророк, се борел против идолопоклонството. Тој станал вистински поборник за верата, надежта и љубовта во Бога.
Според многумина, големиот, државен и македонски празник Илинден, кој асоцира на Илинденското востание и на Крушевската Република во 1903 година, како и на Првото заседание на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија (АСНОМ) во 1944 година, во својата основа го има верскиот празник Свети Илија, а во чест на споменот на пророкот Свети Илија, кој е втор претеча на Христовото доаѓање.
Во почетниот пасус на Илинденското послание во 2017 година, на архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан заедно со членовите на Светиот архијерејски синод (САС) на МПЦ–ОА, се наведува: „Празнувањето на споменот на еден од најголемите старозаветни Божји угодници и пророци – Свети Илија, е потсетување и на неговиот придонес во исполнувањето на Божјата волја за нашето постоење и спасение. Бог го создаде човекот според Својот образ и подобие и го постави да управува со сите созданија на Земјата. За исполнување на тоа одговорно назначување, биле потребни и соодветна духовна чистота и возвишеност. Тоа не се врши преку принуда, туку преку очистено срце и просветлен ум. Оттаму, пророчката служба не се доделува ни случајно, ни според некои надворешни мерила и заслуги. Тоа е плод на особената љубов на пророкот кон Бога и кон Неговите созданија“.
Според преданијата, Свети Илија живеел во деветтиот век пред Христа. Поучувал, одејќи од место до место и, бранејќи го, укажувал на правилното богопочитување. Силно ревнувал за Бога, како што и неговото име на еврејски значи „Јахве е мој Бог“.
Старозаветните пророци биле Божји избраници – ревнители за вистината и за правдата. Тие, како гласноговорници и исполнители на Божјата волја, го поучувале и го поттикнувале народот кон покајание (и кон богобарање), презирајќи го идолопоклонството како недостојна замена за Бога. Ги подготвувале срцата на луѓето за пресрет на ветениот Месија. Сите нивни повици и пророштва биле насочени кон Него, кон Христа – Спасителот на човекот и на сето создание.
Житието за пророкот Свети Илија еднакво ги обележило и Стариот и Новиот завет. Тој бил исполнет со една навистина чудесна ревност и вера во Бога и за време на својот живот одиграл пресудна улога за зачувување на вистинската вера во Израил.
Во житието за Светиот пророк Илија пишува дека беше Боговидец, чудотворец, ревнител за Божјата вера. Родум е од племето Ароново, од градот Тесвит и затоа е наречен Тесвитјанин. Кога се роди Илија, неговиот татко Савах виде ангели Божји околу детето како го повиваат во оган и му даваат да јаде пламен. Тоа беше предзнак за неговиот пламенен карактер и за богодаруваната огнена сила во него. Целата своја младост ја мина во богомислие и во молитва, повлекувајќи се често во пустината за во тишина да размислува и да се моли.

Во време кога еврејското царство било разделено на два нееднакви дела, Јудиното царство (опфаќаше две племиња, со престолнината во Ерусалим) и Израилевото царство (преостанатите десет племиња со престолнина во Самарија), пророкот Свети Илија дејствувал во Израилевото царство – во времето на царевите Ахав и Охозиј. Најголем судир пророкот Илија имаше со израилскиот цар Ахав и со неговата изопачена жена, паганската принцеза Језавела, бидејќи тие им се поклонуваа на идолите и го одвраќаа народот од служењето на единствениот и жив Бог.
Језавела ја донела среде Израилот незнабожечката вера, која и самата активно ја практикувала, ширејќи го култот кон богот Ваал и кон божицата Аштарта, чиј култ го поттикнувал неморалот кај народот, слично како со хеленската божица Афродита. Ваквото туѓо верување било особено погубно за Евреите, кои имале мисија да ја запазат и сведочат пред светот правилната вера во вистинскиот Бог, вера што целосно се утврдила со доаѓањето на Месијата Христос, Кој бил навестен и од самиот Свети Илија и од сите свети пророци.
Бог го избрал Свети Илија поради неговата огнена ревност за вистината и за справедливоста и му ја возложил мисијата да го врати заблудениот Израил на правиот пат. Божјиот пророк успешно го постигнал тоа, поткрепен со огромна благодат одозгора, со многу знаци и чудеса, кои ги творел со својата силна молитва кон Господа. Под негово духовно водство, верата на јудејскиот народ во Бога повторно била утврдена.

Со големи чуда Илија ги покажа силата и власта Божја: го затвори небото, па немаше дожд три години и шест месеци; спушти оган од небото и Му запали жртва на својот Бог, а жреците на Ваал не можеа да го направат тоа; низведе дожд од небото со својата молитва; чудесно ги умножи брашното и маслото во куќата на вдовицата во Сарепта и го воскресна нејзиниот умрен син; му прорече на Ахав дека кучињата крвта ќе му ја лижат и на Језавела дека кучињата ќе ја изедат, што и се случи; и многу други чуда изврши и настани предвести. На Хорив разговараше со Бога и во тивкиот свеж ветрец го чу гласот Божји. Пред да се вознесе го зеде Елисеј и го одреди за наследник во пророчката служба; со својата наметка го пресече Јордан; и најпосле беше земен на небото во огнени кочии со огнени коњи.
Господ го зачувал жив за да може повторно да го испрати на ревносна проповед, тогаш кога овој свет сосема ќе отстапи од богооткриеното учење и ќе се врати кон злокобните пагански верувања, во лага и разврат.
Свети Илија, значи, е жив грабнат на Небесата и Господ го чува, за во свое време, кога ќе треба, повторно да го испрати на Земјата и преку него на светот да му го покаже антихристот. Ж.З.